Македонија
20. September 2021 - 16:51

Две различни анкети прогнозираат различни победници

Две одделни анкети на јавното мислење денеска покажуваат разлчиен победник  на претстојните избори.

Според анкетата која Брима ја направи за Слободен печат, СДСМ има предност од 2 проценти во пресрет на локалните избори пред опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев со 11,8 отсто води пред лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој има доверба кај граѓаните од 7 отсто

Меѓу етничките албански политичари, пак, Ахмети со 5,9% и Биљал Касами со 4,4% водат пред опозиционерите Зијадин Села 4,1% и Африм Гаши 0,4% доверба.

На прашањето доколку денеска се одржат избори за СДСМ би изјасниле 19,5% од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 17,5%.

Анкетата е спроведена теренски во периодот од 27 август до 9 септември годинава на репрезентативен примерок од 1 201 испитаник со маргина на грешка од 2,8 проценти.

Ниту една наместена анкета која по којзнае кој пат, заради храбрење на членството власта ја пушта преку агенцијата Брима. нема да го покрие поразот кои им следи на СДСМ и Зоран Заев, реагирапе ВМРО-ДПМНЕ.

Дали агенцијата Брима изминатава година има земено над 120 илјади евра од Владата на Зоран Заев за изготвување на анкети кои ќе ја покажуваат розевата слика во Македонија?

Патем, агенцијата Брима Доо од Скопје, не е светски познатата Брима Галуп, туку фирма од Македонија која е основана токму од бугарскиот социолог Рајчев која спроведува анкети во континуитет по нарачка на Зоран Заев, а преку медиуми блиски до власта.

Вистинската анкета за Зоран Заев и СДСМ ќе биде на 17-ти октомври, кога ќе го доживее најубедливиот пораз, токму од граѓаните, се вели во реакцијата на опозициската партија

Според СДСМ пак анкетата на реномираната агенција Брима покажува дека партијата ќе биде убедлив понедник на изборите.  

За првпат откако Брима ги прави својот политички Барометар, односно од 2005 година, ВМРО-ДПМНЕ има најслаб резултат на овие анкети.

Тоа само потврдува дека граѓаните се силно против деструкциите, лажните вести и блокадите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните прават јасна разлика помеѓу одговорното, отчетно и домаќинско работење на СДСМ и деструктивното антинародно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, вели Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ.

Друга анкета пак која ја испрати Организацијата за граѓански активизам и независност, институт кој се занимава со анализи за сопствени потреби и кој прв пат јавно објавува анкета поврзана со избори, покажува спротивни резултати.

Според оваа анкета политичар со најголема доверба е Христијан Мицкоски со 15,9%, наспротив Заев со 13,4 % доверба помеѓу граѓаните.

Ако утре се одржат избори 19,9% од испитаниците ќе ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ, а 15,7% СДСМ и коалицијата. Интересно е тоа што процентот на оние кои се неопределени во оваа анкета е повисок од рејтингот на Заев и Мицкоски заедно.

Испитувањето на јавното мислење е спроведено во периодот од 1 до 9 септември годинава, на реперезентативен примерок од 1 149 испитаници, со маргина на грешка од 2 проценти.