Македонија
7. October 2020 - 16:48

Двајца здравствени работници од штипското Инфективно одделение заразени со Ковид-19

Лекар и болничар кои работеле на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница се позитивни на Ковид-19. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека станува збор за лекар од друго одделение, кој е ангажиран на ова одделение, како помош на инфектолозите.

-Во изолација заминува и втор лекар од одделението за Неврохирургија, бидејќи имал контакт со заразениот лекар. Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје ја направија епидемиолошката анкета и утре ќе знаеме дали и колку од медицинскиот персонал ќе замине во изолација, вели Ѓеорѓијев.

Тој смета дека новозаразениот медицински персонал нема да ја загрози работата на Инфективното одделение, бидејќи освен инфектолози на него ротираат лекари и од другите одделенија на болницата. Во моментов на Инфективното одделение се лекуваат над 40 пациенти од целиот источен регион.

Директорката нa Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека денеска има 13 позитивни случаи на териорија на Општина Штип, а во денешните бројки влегуваат зарaзениот медицински персонал на Инфективното одделение, осуденото лице од Затвор-Штип, како и негователката и воспитувачката од градинката „Вера Циривири-Трена“, за кои резултатите беа добиени вчера и  јавноста и родителите беа веднаш известени. Останатите позитивни случаи од штипскиот регион се членови на семејства или контакти на веќе заразените пациенти.