Свет
18. јуни 2017 - 9:10

Двајца команданти и 180 џихадисти од ИД убиени во руски воздушни напади во Сирија

Двајца команданти од Исламска држава и 180 џихадисти кои се подготвувале да влезат во квартови на сирискиот град Дејр ал Зур, кои се под контрола на владините сили, се убиени на почетокот на јуни во воздушни напади на воено воздухопловните сили на Русија, соопшти вчера руското Министерство за одбрана.

Во соопштението се појаснува дека на почетокот на јуни руските воени сили со помош на дронови спречиле подготовка на единици на ИД, кои се подготвувале да ја пробијат одбранбената линија на гарнизонот на владините сили, блокиран во градот.

- Како резултат на воздушните напади на 6 и 8 јуни, извршени од воено воздухопловните сили на Русија врз објекти на ИД беа ликвидирани теренските команданти Абу Омар ал Белжики и Абу Хасан ал Масри. Освен тоа беа убиени околу 180 борци и уништени 16 парчиња на автомобилска и оклопна техника, артилериски топ, четири контролни пунктови и магацин со оружје и муниција, се посочува во соопштението.

Опсадата на Дејр ал Зур трае од 2014 година. Источниот дел на градот е преземен од џихадисти, а западните и јужните региони, како и воениот аеродром, се под контрола на владините сили.