Македонија
16. јуни 2020 - 9:38

Двајца кандидати за ректор на УКИМ бараат оставка од Универзитетската изборна комисија

Двајца кандидати за ректор ан Универзитетпт „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р  Петар Атанасов и проф. д-р Вујица Живковиќ, вчера поднеле приговор до Универзитетската комисија за избор на ректор зашто сметаат дека се преземени активности што не се во согласност со Уредбата на Владата, Законот за високо образование, ниту со Статутот на УКИМ.

Во допис до медиумите реагираат на начинот на продолжување на постапката за избор на ректор, како и новиот роковник објавен на сајтот на УКИМ (во недела на 14 јуни) што, според нив, „уште повеќе ја компромитира регуларноста на целата постапка“. Конкурсот за последниот (петти) ден требало, велат, да биде објавен на истиот начин како и првиот пат, во две јавни гласила и на страницата на УКИМ и дека не е во ред преку мејл во 23:55 часот на 14 јуни (недела) да се информираат кандидатите кои поднеле документи во рок кој не е валиден.

Сметаат дека на овој начин е оневозможено други кандидати да конкурираат, што е сосема неуставно и прашуваат зошто роковите на валидност на комисијата се продолжени по 26 јуни 2020, кога претходно им било објаснето дека по тој датум Комисијата е невалидна затоа што мандатот на членовите истекува на тој ден. Според Статутот, наведуваат, по ова прашање единствено толкување може и треба да даде Сенатот.

-Вие како комисија не можете да ја толкувате Уредбата на Владата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба во делот дека „Спроведувањето на останатите дејствија за избор на раководни органи на високообразовните установи, кои започнале пред влегување во сила на оваа уредба со законска сила, продолжуваат по престанокот на траењето на вонредната состојба и по престанокот на ограничувањата утврдени со закон“, односно Вие да констатирате дека нема други ограничувања утврдени со закон. Толкување може да даде само орган кој ја донел Уредбата, односно во овој случај Владата на Република Македонија, се наведува во приговорот.

Пред да продолжи со какви било активности и за да не ги пречекори своите надлежности, од Комисијата бараат да побара толкување од Владата и веднаш да ги стопира сите преземени активности. Бидејќи од вчера повторно се воведува вонредна состојба, Атанасов и Живковиќ од Комисијата за избор на ректор бараат да поднесе оставка, а институциите на државата, како што велат, „да ги санкционираат овие противзаконски дејства во веќе целосно компромитираната и дискредитирана постапка“.