Свет
12. March 2020 - 10:23

Двајца американски и еден британски војник загинале во ракетниот напад врз ирачката база „Ал-Таџи“

Двајца американски и еден британски војник загинале, а уште десетина други се ранети во синоќешниот ракетен напад врз ирачката воена база „Ал-Таџи“, на 15 километри северно од Багдад. Британските медиуми јавуваат дека врз базата паднале 18 ракети, повикувајќи се на официјален претставник на американската војска.

Британските медиуми пренесуваат дека американските претставници изјавуваат дека е прерано било кого да обвинат за овој напад, но предупредуваат дека секоја поврзаност на паравоените формации, поддржани од Иран, со нападот ќе доведат до нова воена ескалација меѓу Вашингтон и Техеран.

Во првичната вест ирачката војска синоќа соопшти дека  во нападот нема жртви.

Ирачките власти предупредуваат дека бројот на жртвите може и да се зголеми, со оглед на сериозноста на некои од повредените.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, синоќа имјал итен телефонски разговор со својот британски колега, министерот за надворешни работи, Доминик Рааб, по што Стејт департментот соопшти дека двајцата заклучиле дека „одговорните за нападот мора да бидат казнети“.