Македонија
13. October 2021 - 16:46

Двајца алпинисти загинаа во „Бучим“

Две лица ангажирани за чистење на виско недостапни места во рудникот Бучим го загубија животот. Се работи за членови на алпинистичкиот клуб Плоча од Радовиш кои како подизведувачи извршувале  работни задачи-чистење на високо недостапни силоси. Настанот го потврдија и од рудникот Бучим кои преку писмена изјава на нивната официјална веб страница информираа дека денеска во 11:43 часот во работната единица флотација се случил несреќен случај во кој две лица починале.

На лице место на несреќата, медицинскиот персонал на Бучим веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и лицата се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница –  Штип, каде што е констатирана смрт.

Известени и повикани се на лице место сите надлежни органи што се бараат со закон во таков случај за извршување на увид. По првична информација од службите, причината за смртта на двете лица е задушување. Формирана е и комисија која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај во согласност со сите законски барања., информираат од рудникот Бучим.

Настанот го потврдија и од СВР Струмица од каде информираа дека увидот е во тек.

Деталите за тоа како дошло до несреќата и која била вистинската причина за смртта кај двајцата алпинисти ќе се знаат по завршувањето на истрагата.