Македонија
30. јуни 2016 - 16:28

Драстично намалено времето за чекање за комјутерска томографија

Шеесет годишен скопјанец со масивно крварење во мозокот утрово итно бил испратен на скопските клиники. Дијагнозата му била поставена на апаратот за компјутерска томографија во поликлиниката Јане Сандански. Неколку денови пред снимањето се жалел на силна главоболка. Лекарите од оваа установа велат дека често имаат вакви случаи. Покрај крварења откриваат и тумори на мозок како и заболувања од областа на ортопедија и трауматологија.

-Најчестите упати се за снимање на мозок, бидејќи и симптомите што ги чуствувгаат нашите пациенти се најчести како вртоглавица или главоболка. Речиси еден до два случаи што ги имаме неделно се со крварење во мозок. Некои се со постари инфарктни зони или со свежо крварење во мозок, вели прим. др. Панда Павловиќ Алексовска од поликлиника Јане Сандански.

За шест месеци колку што е во функција комјутерската томографија во Јане Сандански, биле направени околу 1000 снимања на пациенти. Директорката на Здравствен дом Скопје вели дека новата опрема ги дава очекуваните резултати и на нивниот апарат завршуваат и болни испратени од некоја од скопските клиники.

-Ова е големо растеретување за терциерното здравство. Нема чекање и термин може да се добие од денес за утре. Имаме најчесто од Скопје и овде праќаат од ортопедија, траума, уво нос и грло и други специјалности. Голема предност е и за нас и за пациентите кои можат за многу кратко време да добијат дијагноза, вели Татјана Баевска Вучковиќ директор на Здравствен дом Скопје.

Дневно третираат по 12 пациенти и работат во две смени. Покрај овој во здравствени установи во земјата има уште 17 апарати за комјутерска томографија. Пред 10 години функционирал само еден и пациентите чекале со месеци за неопходното снимање.  Колку за споредба, долги листи има и во хрватското здравство каде како што пренесуваат медиумите од оваа земја, за снимање на комјутерска томографија се чека и до една година.