Балкан
23. November 2015 - 9:41

Драго Пргомет ја формира партијата „Хрид“ во Хрватска

Поранешниот член  на Националниот совет на изборната платформа „Мост“, Драго Пргомет, вчеравечер најави дека неговото здружение „Хрид“, со кое учествуваше на претходните парламентарни избори во Хрватска во рамки на „Мост“, ќе ја продолжи својата работа како политичка партија, која во понеделник ќе оддржи оснивачко собрание.

Партијата „Хрид“ ќе продолжи да работи во рамки на политичката платформа „Мост“ која, истакна Пргомет, ја има нивната апсолутна поддршка се додека се залага за реформи на јавната управа, територијалниот систем и високото образование, пренесе Хина.

Гостувајќи во Дневникот на Хрватската телевизија, Пргомет рече дека неговото здружение на изборите од пред две недели освои три саборски мандати на листата на „Мост“ во првата изборна единица, па затоа порача дека не постои тело кое може да ги исфрли од „Мост“, освен доколку партијата сама така не одлучи.

Запрашан дали сака новата партија да ги повлече своите симпатизери кои останале во „Мост“, тој истакна дека тие самите ќе одлучат како понатаму политички ќе делуваат.

Пргомет не кажа дали и натаму го поддржува првиот човек на „Мост“, Божо Петров, за мандатар на новата Влада и порача дека за тоа ќе одлучи политичката партија „Хрид“ и тоа врз начелото еден член еден глас.