Македонија
15. November 2019 - 17:39

Доверливи документи пронајдени во домот на Ременски

Доверливи документи биле одземени од домот на пратеничката Фросина Ременски при претресот за случајот „Рекет“.

„При претрес на домот на осомниченото лице се пронајдени документи и за нив се известени институциите од каде што потекнуваат документите и кои се надлежни за преземање на понатамошна постапка“, велат од Обвинителството за гонење криминал и корупција.

Не се открива кое е потеклото на документацијата и дали како што се шпекулираше се работи за безбедносно сензитивни материјали поврзани со случаите „Монструм“, „Диво насеље“ но и писмена комуникација меѓу поранешни раководни луѓе во УБК.

Ременски тврди дека материјалите ги поседувала законски, а единствено спротивно на законот бил спроведениот претрес.

„Документите што не смееле да бидат одземени во незаконит претрес, се одземени од мене – Фросина Ременски, а не од мојот сопруг, и истите не се ниту предмет на кривично дело, ниту пак потекнуваат од кривично дело“, напиша Ременски.

Истрагата за Рекет ја опфати Ременски во втората фаза односно за сомневањата за криминал во „Меѓународниот сојуз“.

Денеска, бизнисменот Орце Камчев со кривична пријава бара ново проширување на предметот. Тој тврди дека не само Катица Јанева, Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, туку и обвинителката Лиле Стефанова и синот на Јанева - Лазар биле вклучени во рекетирањето.

„Пријавените презеле повеќекратни дејствија со намера да за себе прибават значителна имотна корист, а како резултат на таквите дејствија на оштетениот Камчев и правното лице Кара, им причиниле материјална штета во значителен износ“, се вели во кривичната пријава.

Предметот „Рекет“ беше отворен по првата пријава на Камчев до јавното обвинителство.. Јовановски и Јанева се уште се во притвор во Шутка а судењето ќе започне на 3-ти декември.