Македонија
5. December 2016 - 14:23

Донирано возило за децата со посебни потреби од Делчево

Патничкото возило за превоз на деца со посебни потреби, обезбедено преку донаторската акција „Со срце за Дневниот центар во Делчево“ денеска му беше предадено на Дневниот центар во Делчево. 

На донаторската акција, иницирана од Советот на општина Делчево и поддржана од НВО КХАМ од Делчево беа собрани 400 илјади денари, а најголем донатор е швајцарската фирма Албиро која за оваа акција издвои 300 илјади денари.

Анита Цоневска од НВО КХАМ, која денеска ги предаде клучевите од возилото на Дневниот центар, истакна дека собирањето на средствата одело тешко.

- Лани на овој ден ја започнавме акцијата. Собирањето средства одеше тешко. Се заблагодарувам на сите донатори, но мора да кажам дека иако во Делчево има над 50 фирми, заштитни работилници кои добиваат низа привилегии од државата за оваа акција не донираа ниту денар, рече Цоневска.

Александар Николов, дефектолог во Центарот посочи дека општествената одговорност е култура на живеење во едно општество.

- Без разлика дали гласот за општествената одговорност допре до фирмите, сепак, нашиот глас допре малку подалеку до Швајцарија и фирмата Албиро која е текстилна компанија и е присутна 12 години во Делчево. Благодарни сме на сите донатори и никогаш не се сомневав дека оваа акција нема да биде успешна, рече Николов.

Тој додаде дека моментно во Дневниот центар се работи во современи услови, има и топли простории откако беше реконструиран објектот и доби нова пвц-столарија и енергетски ефикасен покрив.

- Со чинот на доделување на возилото симболично го одбележавме 3 Декември, Светскиот ден на лицата со посебни потреби. Сакаме да испратиме порака дека не е само 3 декември ден за овие лица и оти сите денови имаат исто значење за нас. Секој ден бараме свој простор во општествената заедница како еднакви меѓу еднаквите, рече Николовски.

Возилото е марка опел со 9 седишта и простор за рампа за инвалидска количка. Децата од Дневниот центар денеска го имаа првото возење со возилото по делчевските улици.