Македонија
20. January 2022 - 15:52

Донесени повеќе одлуки на седницата на Советот на Град Скопје

Советот на Град Скопје денеска на четвртата седница донесе повеќе одлуки меѓу кои и за воспоставување меѓуопштинска соработка со Гази Баба за финансиско учество на Градот за реконструкција на улицата „Перо Наков“, за изменување на одлуката за давање помош на семејствата на загинатите и повредените во сообраќајката на автопатот „Струма“ во Бугарија, како и за давање субвенции на јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје за 2022 година.

Проценетата вредност за реализација на реконструкцијата на улицата „Перо Наков“, како што беше образложено на седницата, изнесува 51 милион денари со вклучен ДДВ. Градот Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува сто проценти, односно средствата се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2022 година.

Светникот Гордан Шутаров од СДСМ ја поздрави иницијативата за меѓуопштинска соработка со Општина Гази Баба, но побара од советниците да размислат во наредните воспоставувања на вакви меѓуопштински соработки да се остави простор финансиски да учествуваат и општините, а не средствата да се црпат исклучиво од буџетот на Градот.

Советниците расправаа и во однос на субвенциите што ќе се дадат на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за 2022 година. Износот на субвенциите за оваа година е пет милиони денари. Советничката од СДСМ Љубица Јанчева побара одговор во однос на развојната компонента. Градоначалничката на Градот Данела Арсовска посочи дека развојни компоненти ќе има во тоа што ќе бидат дадени помалку средства за субвенционирање, за разлика од, како што рече, претходната градска власт.

– Ова е една развојна компонента, втората развојна компонента е консолидирање на еден загубар, за претпријатие што не треба да генерира загуби. Значи, ова претпријатие, со самото тоа што ќе биде профитабилно претпријатие, а нема да биде загубар, состојба во којашто вие сте го довеле со несовесно работење на вашите директори, сметам дека ќе има развој, а понатаму ќе имаме можност во следните четири или како што вие рековте, па можеби и засекогаш, да покажеме што и како знаеме, истакна Арсовска.

Бојан Христовски, кој е в.д. директор на претпријатието, сподели дека се работи за редовна пракса за давање на субвенциите за потешкотии на работњето на ова јавно претпријатие. Истакна дека ова досега е најмала цифра на субвенции што ги давал Град Скопје на ова прептријатие. Во 2018 и во 2019, како што посочи, биле доделени 15 милиони денари субвенции, а во 2020 седум милиони денари. Христовски додаде дека има индиции за недостиг на средства поради ненаплаќање на паркинг услугите на одредени поединци од претпријатието. За тоа, како што рече, ќе работат на детектирање и докажување на тие потенцијални неправилности. Нагласи дека го наследува претпријатието со вкупен долг за неплатена комунална такса од 33 милиони денари.

– Претпријатието го начекувам со вкупен долг кон Град Скопје за неплатена комунална такса од околу 33 милиони денари, такса којашто се собирала во изминативе неколку години. Претпријатието е со сегашна состојба од околу 26,5 милиони денари, но сепак, долгот кон Град Скопје е 33 милиони денари, појасни Христовски.

На седницата беа донесени и предлог-одлука за преземање вработен, предлог одлука за за давање согласност на одлука за донација на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, предлог одлука за давање согласност на Инвестициската програма на истото претпријатие, како и предлог одлуки за предлагање претставник од Градот во управните одбори на јавните установи за деца и детски градинки на подрачјето на Скопје.

Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“, Златко Перински на седницата посочи дека во инвестиционата програма имаат предвидено средства за реконструкција и одржување на водоводната и канализационата мрежа.

– Во периодот кој што следува заедно со општините и Град Скопје ќе направиме план на приоритети, врз основа на кој ќе делуваме заедно со локалните самоуправи со цел што е можно повеќе да ја унапредиме оваа мрежа, рече Перински.

Тој нагласи дека во Општина Сарај е изворот од кој целиот град се снабдува со вода, но дека наплатата токму таму, како што рече тој, е исклучително ниска, посочувајќи дека во иднина мора да се подигне свеста за рационалното користење на водата, но и на наплатата.

Дневниот ред на седницата, која ќе продолжи во 15:30 часот, беше дополнет со уште 13 точки.