Бизнис
16. May 2020 - 8:50

Донесен ребаланс за опоравување на економијата

 

Владата го донесе ребалансот на Буџетот за годинава според кој се планира да се потрошат 3,95 милијарди евра, што е за 1,4 отсто или 53 милиони евра повисоки на иницијалниот буџет за годинава. Предвидени се средства за програми за поддршка за поттикнување на потрошувачката, поддршка на економијата, а предвидени се и висок износ на капитални инвестиции од 19,5 милијарди денари.

– На краток рок, потребни се брзи акции. Потребно е да го фатиме моментот на опоравување и максимално да го искористиме – за да извадиме најдобри можни резултати, кои ќе ги амортизираат донекаде шоковите од здравствената криза, која не погоди во вториот квартал годинава. Мерките и активностите што ќе се преземаат ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје. Тоа е фокусот на овој ребаланс. Ребаланс за опоравување и рестарт на економијата во услови на Ковид-19, рече министерката за финансии Нина Ангеловска, вчера на прес-конференција презентирајќи ги измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година.

Приходите во буџетот се планирани на 196,8 милијарди денари  или 3,2 милијарди евра и истите се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари (414,6 милиони евра) во однос на планот, а кои за министерката се реално направени врз основа на  сите показатели и реализација што ја има во април и врз основа на предвидувањата за вториот, третиот и четвртиот квартал.

Поддршка преку ковид програми од 82 милиони евра, ќе се направи на потрошувачката и економијата.
– Со оглед дека расходите се зголемени за 53 милиони евра, а вкупните алокации на КОВИД програмите кај неколку буџетски корисници се во износ од 82 милиони евра, разликата од околу 30 милиони евра е резултат на кратења од сите буџетски корисници, а во голем дел како резултат на антикризните мерки во насока на забрана за непродуктивни трошења  како набавка на мебел, опрема и возила, односно се што суштински и директно не е поврзано со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, образложи министерката.

Три милијарди денари или пеесет милиони евра се за спроведување на таргетирани мерки за стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните со фокус на домашната економијата и поддршка на приватниот сектор и на работниците во фазата на опоравување на економијата. Со ова, според неа, вкупно на КОВИД програмата во Владата има 8,9 милијарди денари или околу 150 милиони евра.

Шестотини милиони се во Министерство за економија наменети за мерки за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и поддршка на домашниот македонски туристички сектор со постојните 95 милиони кои беа реалоцирани со одлуката за прераспределбата и сега оваа програма изнесува околу 12 милиони евра.

Триста и пеесет милиони денари се за социјална заштита поврзано со ефектите од Ковид-19, 350 милиони денари за Фондот за здравство во рамки со антикризните мерки за зголемените потреби како резултат на КОВИД, финансирање на здравствено осигурување за ранливи групи, 300 милиони денари за Министерство за здравство за зајакнување на здравствените капацитети за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи за откривање случаи во согласност со упатствата на СЗО и операционализација на дополнителни легла, 350 милиони денари во Министерство за образование на КОВИД програмата со цел поддршка на младите и студентите со фокус кон ИТ и дигитални вештини  и целата програма изнесува 405 милиони денари со напревени одредени реалокации од буџетот на МОН, 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување.

Шеесет милиони денари се за национално кофинансирање за нова кредитна линија за фазата на опоравување и рестарт на македонската економија која ќе се спроведува преку Развојната банка на Северна Македонија, а со поддршка и средства од Европската Унија и кои би биле достапни од септември.

Во Владата, како што рече, министерката нема дилема и околу реализацијата на капиталните инвестиции, кои, како што рече се планирани на ниво од 19,5 милијарди денари што е највисок во последните 10 години, но се за 4,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година.

– За реализацијата на ваквите проекти дефинитивно нема дилема во Владата и дека мора да се интензивира реализацијата на сите капитални инвестиции за да се амортизира ударот врз економиијата. Точно тоа и се случува и имаме за 17 проценти повисока реализацијата на капиталните инвестиции спордено со минатата година и истите гледаме да ги задржиме на исто ниво, рече министерката.

Таа појасни дека со одлуката за препраспредлбата која беше спроведена минатиот месец од капителните расходи беа реалоцирани околу 3,5 милијарди денари со цел спроведување на мерките и тоа од капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата.

Со ребалансот, додаде, намаливме-односно ги реалоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19,5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реалзирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во аморитзирање на ударот врз економијата, рече министерката Ангеловска.

Врз основа на планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран на 6,8 отсто од БДП или во апсолутен износ од околу 750 милиони евра и што е во линија на проекциите на Европската комисија. Ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување средства на преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал.

Според министерката, ќе се направи најоптималното портфолио кое ќе има најдобра комбинација по трошок и рочност, односно услови за понатамошно сервисирање на долгот. Додаде дека јавниот долг со ова би достигнал околу 58 проценти, но оти тоа ќе зависи од тоа колку и како ќе се повлекуваат средствата.

Проекцијата на Владата за растот на економијата годинава е минус 3,4 отсто. Платите на администрацијата нема да се намалат, а пензиите ќе бидат усогласени како што е предвидено.

За ВМРО-ДПМНЕ ребалансот доаѓа со задоцнување.

-Овој ребаланс на буџетот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина. На јавноста и е познато дека ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Кочоска Димитриеска уште во март веднаш откако се увидоа првичните негативни ефекти од здравствената и економска криза предизвикани од корона вирусот предложи или укажа на потребата од прекројување на државната каса, рече на прес-конференција Трајко Славески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.