Бизнис
7. December 2015 - 18:38

Донесен нацрт буџетот на Гевгелија за 2016 година

Советот на општина Гевгелија, на седницата што заврши пред малку, го донесе Нацрт буџетот за 2016 година кој е проектиран на околу 700 милиони денари или 11,3 милиони евра.

Од вкупната сума планираните приходи на основниот буџет изнесуваат 438 милиони денари, приходите од дотации ќе изнесуваат 194 милиони денари, а планираните приходи од донации 48 милиони денари. Капиталните расходи во основниот буџет учествуваат со 60,57 отсто ,а во вкупниот буџет со околу 46 отсто со што се обезбедува развојната компонента на буџетот.

Во наредната година општина Гевгелија приоритет ќе даде на реализацијата на проектот за водоснабдување, проширување на патната инфраструктура и на доградување на одводниот канал „Рауљ“.

Наредните две недели нацрт буџетот на општина Гевгелија ќе се стави на јавна расправа пред граѓаните и вработените во поголемите претпријатија во општината.