Македонија
5. July 2017 - 16:16

Договорот со Бугарија ќе биде објавен непосредно пред потпишувањето, ВМРО-ДПМНЕ бара да биде објавен веднаш

Средбата на премиерот Зоран Заев со потпретседателот на САД Мајкл Пејнс во Црна Гора, како кодомаќин на американскиот потпретседател на состанокот на земјите од Јадранската повелба ќе го помести најавеното потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија, заедно со премиерот Борисов на Илинден.

Заев се надева дека чинот на поклонување пред споменикот и потпишувањето на договорот може да се помести на 1. Август изутрина, по што ќе замине во Подгорица.

Премиерот и денеска не откри детали од договорот, освен дека во него ќе биде солвирано прашањето за посебната и заедничката историја, преку дебата на експертите и историчарите.

,,И некаде пред потпишувањето имаме намера да го објавиме. Да отвориме дебата, да го видат сите, да дадат свои коментари. За мене апсолутно тоа што ќе биде потпишано, надевајќи се дека и тоа отворено прашање ќе биде решено е навистина отворање на сериозни врати кон убави евро-атлантски перспективи на Македонија, но и кон зголемување на билатералната соработка помеѓу двете земји, Република Македонија и Република Бугарија. Секако уште еднаш потврда за нашата посебност и во делот на идентитетот и на народите, во делот на она што значи историја, но и потврда на заедничката историја која што е не само меѓу Македонија и Бугарија, целиот Балкан, цела Европа секако ја споделува‘‘, изјави Заев. 

Техничкиот детал, што остана недоговорен со Борисов, треба да биде решен на средбата на шефовите на дипломатиите.

,,Се работи за нешто кое што ние немаме предрасуди за него зборуваме и за него декларираме, а тоа е делот на народите, делот на заедничката историја - формулациите во делот на определбата на заокружување на еден процес. Така да, драматургиите околу предавство, околу лоши позиции на Македонија апсолутно немаат потреба‘‘, изјави Заев. 

Од ВМРО ДПМНЕ уште еднаш го потсетија премиерот дека стратешки договори носи нетранспарентно.

,,Зоран Заев во текот на целиот изборен период ветуваше дека ќе има експертски дебати и јавни расправи за секое позначајно прашање за државата, за сега да гледаме дека нема ни Д од дебата. СДС во целосно нетранспарентен процес го преговара договорот со Бугарија без да ги запознае и ја крие неговата содржина далеку од очите на јавноста. Ваквото однесување на Заев е директно охрабрување на некои кругови во Бугарија. Зоран Заев има обврска да ги информира граѓаните што договорил во Софија.

Според партијата доколу Владата продолжи со овој начин на игнорирање на опозицијата при креирање на стратешките правци и стратешките документи како е случајот со Бугарија, самата си го затвора пристапот до пратениците од опозицијата и нејзината поддршка.