Македонија
25. July 2017 - 14:14

Договорена заедничка седница на владите на Македонија и Албанија наесен во Поградец

Албанија и Македонија немаат отворени прашања и сакаат уште подобра соработка како единствен сигурен пат кон евроатлантските интеграции, истакнаа министрите за надворешни работи на двете земји, Дитмир Бушати и Никола Димитров, по денешната средба во Тирана.

Двајцата министри најавија одржување заедничка седница на двете влади на есен годинава во Поградец, на која ќе се расправа за проекти за развој на двете земји и за регионот во целина.

- По средбата во Трст денеска се договотивме да се одржи заедничка седница на двете владина есен во Поградец. Ова ќе биде нов развој во односите меѓу нашите две земји. Ќе се создаде можност преку овој механизам да се даде приоритет на секторите за соработка за да се олесни остварувањето на стратешките проекти за кои ќе се обезбеди финансирање преку меѓународните и европските фондови, рече албанскиот министер за надворешни работи Бушати.

Според него, Албанија и Македонија имаат потенцијал да се создадат нов развоен пат во регионот, преку модернизација на инфраструктурата, која забележа Бушати, во последниве години не е во центарот на вниманието на Европа  во врска со главните коридори.

Албанија, продолжи министерот Бушати, сака и понатаму да ги развива односите со Македонија. - Често се споменуваше во минатото, кога имаше недоразбирања во врска со одредени ставови, дека за нас Македонија е важен сосед. Демократската стабилност, меѓуетничката хармонија, еднаквоста како социјален концепт главно меѓу македонската и албанската заедница е од особено значење за Република Македонија и за нас, но исто така и за стабилноста на целиот регион и неговата европерспектива, рече Бушати.

Тој го поздрави, како што наведе, амбициозниот план за реформи на македонската Влада 3-6-9 кој има за цел натамошна демократизација на Македонија и забрзување на реформите потребни за интеграција во НАТО и ЕУ. Македонија може да смета на поддршката од Албанија за членство во НАТО, истакна Бушати.

- Албанија не била и нема да биде пречка за која било земја во нејзините евроатлантски аспирации. Тирана е многу заинтересирана за стабилност на Македонија и регионот, додаде шефот на албанската дипломатија.

Запрашан за Охридскиот договор, Бушати рече дека дел од него веќе е вклучен во програмата на новата Влада на Македонија, која, како што додаде, има друга гледна точка за Албанците.

- Охридскиот договор е вграден во декларацијата на албанските партии, но и во програмата на новата Влада, тој е во платформата 3-6-9, презантирана во Брисел и пред меѓународните партнери. Се израдував многу што покрај Димитров, и еден албански министер беше на состанокот на Советот за стабилизација со Могерини и Хан. Албанските партии станаа дел од промените, работиме меѓусебно да го зајакнеме духот на промени, рече Бушати.

Македонскиот министер за надворешни работи Димитров рече дека со Бушати се согласиле да направат повеќе од само политички изјави, и да се интензивира соработката на конкретни проекти.

- Сакаме да соработуваме со нашите соседи. Среќен сум што знам дека ја имаме поддршката на Албанија во интеграциските процеси, изјави Димитров.

Министрите исто така истакнаа дека се согласиле дека е потребна уште подобра економска и трговска соработка, затоа што таа е далеку од потенциалите.

Никола Димитров, денеска во Тирана ќе има средби и со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.