Свет
22. April 2020 - 10:04

ОН: Доаѓа светска катасторфа против која не постои вакцина

На светот му се заканува глад од “библиски размери”, предизвикан од пандемијата на коронавирусот, предупредуваат од Обединетите Нации.

Шефот на Светската програма за храна, Дејвид Бесли, изјавил дека се потребни итни акции за да се избегне катастрофа. Агенцијата на ОН проценува дека бројот на луѓето кои гладуваат би можел речиси да се удвои, од 125 на повеќе од 250 милиони. 

Во најголем ризик се 10 земји зафатени од конфликти, економска криза и климатски промени. Во четвртиот годишен глобален извештај за кризата со храна како земји кои се во ризик да бидат погодени од глад се наведени Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити.

Во Јужен Судан, 61 отсто од населението минатата година било погодено од криза кога станува збор за храна, се наведува во извештајот. Пред пандемијата на коронавирусот, делови од источна Африка и јужна Азија веќе со децении се соочуваат со сериозен недостиг од храна, предизвикан од суша.

Обраќајќи се до Советот за безбедност на ОН во текот на видео-конференцијата, Бесли рекол дека светот мора мудро и брзо да делува.

“Би можеле да се соочиме со глад од библиски размери во рок од неколку месеци”, рекол тој.

Вишиот економист на Светската програма за храна, Ариф Хусеин, вели дека економскиот ефект на пандемијата на коронавирусот може да биде катастрофален за милиони луѓе “чии животи веќе висат на конец”.

“Тоа е смртоносен удар за повеќе милиони луѓе кои можат да јадат само ако заработат. Потребен е само уште еден шок како Ковид-19 за тие да бидат турнати преку работ. Мораме колективно да делуваме за да го намалиме ефектот на оваа светска катастрофа”, истакнал Хусеин.

Светската програма за храна месечно испраќа храна за повеќе од 12 милиони жители на Јемен, од кои 80 отсто се во области кои ги контролираат силите на Хутите.

Во Јемен овој месец беше потврден првиот случај на Ковид-19, а агенциите за помош предупредија дека болеста наскоро би можела да го совлада ослабнатиот здравствен систем на таа земја.