Loading Video...
Фудбал
8. April 2020 - 19:48

До крајот на неделата одлука за домашното фудбалско првенство

Во отсуство на генерална препорака од УЕФА за финиширање на домашните  фудбалски првенства  националните федерации се обидуваат да најдат оптимално решение со кое би ги задоволиле клубовите на натпреварувачки план но и би ги минимизирале финансиските загуби.

                 Соочени со намалените приходи во клубовите први реагираа фудбалските работници во Белгија и го прекинаа првенството со што автоматски за нов првак го прогласија тимот на Бриж. И во Холандија се размислува на ваков чекор особено по состанокот на претставниците на клубовите кои побарале прекин на првенството и прогласувањето на Ајакс за шампион во Ередивизија. шампионатите и заокружување на сезоната со цел да се намалат загубите на клубовите.  Англичаните се под притисок да загубат огромни пари од телевизиските права и веќе неколкупати обелоденија сценарија за надминување на кризата во Премиер лигата. За жал плановите полека паѓаат во вода по страшниот пораст на пандемијата со Ковид -19 на британскиот остров.  По тој повод денеска се огласи еден од директорите на италијанскиот Удинезе чии сопственици имаат удел и во англискиот премиерлигаш Вотфорд. Според Пјерпаоло Марино  сезоната во Англија нема да се доигра а лично стравувам, рече Марино и за стартот на новата и следните сезони бидејќи фудбал ќе може да се игра само доколку се вратиме на нашето претходно живеење, категоричен е директорот на тимот од Удине.

            Нејасна е состојбата и во македонскиот шампионат кој е исто така во прекин без точна најава за евентуално финиширање на сезоната. Се огласија и дел од тренерите кои тврдат дека тренажниот процес е предолго прекинат и ќе треба многу време фудбалерите да се вратат  на вистински колосек.

            Дека нема време за губење во мак-фудбалот потврдуваат и неофицијалните информации од ФФМ дека решението ќе биде објавено до крајот на неделата.  Веќе во наредните денови најверојатно ќе се разгледа актуелната состојба во согласност со препораките и уредбите на Владата  и  можна е конечна одлука за сите првенства во мак-фудбалот кои се во прекин со цел да се намалат трошоците на клубовите кои енормно растат со зголемувањето на неизвесноста.

            Опциите се да се прекине играњето  и клубовите ги задржат позициите според моментниот пласман или пак да се чекаат  упатствата на УЕФА која засега стои на ставот првенствата да се доиграат кога пандемијата ќе се ублажи или заврши во целост што за многумина е преоптимистичка варијанта.

            Да потсетиме лидер во првенството е Вардар пред Силекс на втората позиција и шампионот Шкендија на третото место.