Македонија
25. January 2017 - 16:10

Дневник: Членството на СДСМ против намерата на Заев да ја прифати платформата на албанските партии

Незадоволство кај членството на СДСМ – сопартијците на Зоран Заев сметаат дека доколку Тој добие шанса да прави Влада, не смее да ја прифати платформата на албанскиот политички блок, објавува „Дневник“.

Весникот повикувајќи се на партиски извори во Социјалдемократскиот сојуз, пишува дека раководството на СДСМ е подготвено да ги прифати сите точки од платформата и веднаш да направи министерски состав. Истите извори додаваат дека добар дел од членството на СДСМ нема да го дозволи тоа бидејќи се коси со принципите за кои до сега говорел Заев.

Токму поради тоа, на лидерот на СДСМ нема лесно да му мине партнерството со Али Ахмети без согласност од членството ако одлучи да ги прифати сите услови на платформата, пишува весникот повикувајќи се на партиски извори.

Тие додаваат дека незадоволството е уште поголемо поради претходните јавни настапи на нивниот лидер во кој отворено ја напаѓа ДУИ, а сега само за да стигне до власт, испраќа сигнали до партијата дека е подготвен да ги прифати максималистичките барања во платформата.

Подготвеноста на Заев да ги прифати барањата од платформата, претходно ги најавиа поранешни функционери на СДСМ, аналитичари и новинари блиски до опозицијата, кои говореа дека за нив е прифатливо федерализирање на државата и воведување двојазичност.. Дел пак тврдеа оти платформата е мека и без суштествени барања.

Инаку според текстот на Дневник, во СДСМ подолго време владее незадоволство и поради избраните пратеници но и во врска со луѓето околу Заев кои ќе бидат министри во случај ако опозициската партија треба да го прави владиниот состав.