Свет
6. јуни 2020 - 19:00

Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот

Според последните податоци, во светот досега има 6.889.223 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 399.117,  а оздравеле 3. 276.057 лица.

Лондон –  Во Велика Британија, регистрирани се уште 204 смртни случаи како резултат на коронавирусот, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 40.465. Министерството за здравство објави дека уште 1.557 лица се позитивни на вирусот, пренесува Би-Би-Си. Според официјалните податоци, вкупниот број на заразени достигна 284.868.

Ларнака – Кипарското  Министерство за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа уште едно лице почина од Ковид-19,  а од  2.054 направени тестови не е откриен нов позитивен случај. Досега регистрирани се 25 смртни случаи кај позитивни лица на новиот коронавирус, но само кај 18 од нив Ковид-19 бил причината за смртта.

Сеул – Јужнокорејските власти објавија дека се потврдени 51 нови случаи на Ковид-19, потенцирајќи дека е ова најголемиот раст на нови инфекции во последните осум дена, и предупредувајќи дека нов бран на вирусот се шири во густо населениот главен град Сеул.

Вкупниот број потврдени случаи досега се зголеми на 11.719, а вкупниот број на смртни случаи долго време е 273.

Бања Лука – Босна и Херцеговина потврди уште 25 случаи на инфекција со коронавирус, од кои 23 се во Република Српска и два во Федерацијата на БиХ. Од почетокот на пандемијата во БиХ, 2.631 луѓе се заразени со вирусот на корона, а 159 лица починаа.

Белград – Во последните 24 часа во Србија едно лице почина од Ковид-19, објавено е на веб-страницата на Министерството за здравство.  Вкупниот број на жртви од почетокот на епидемијата е 248. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 3.124 лица биле тестирани за коронавирус, а вирусот е потврден кај 74 лица.

Тирана – Во изминатите 24 часа во Албанија се регистрирани 20 ново заразени со Ковид-19, 15 закрепнети и едно починато лице. Од почетокот на пандемијата во оваа земја се извршени  18.097 тестови, 1.232 се позитивни за вирусот. Од вкупниот број закрепнати се 925

Загреб – Во последните 24 часа нема нови случаи на коронавирус  во Хрватска, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита. На Клиниката за заразни болести „Фран Михалевиќ“ починала една жена која била на респиратор. Тестирани се вкупно 68.514 лица, од кои 247 во последните 24 часа.