Балкан
10. March 2020 - 11:39

Директорот на кардиохируршка клиника еден од двата потврдени случаи на коронавирус на Кипар

Сите закажани термини за прегледи, приеми и сите видови на операции се откажани во следните два дена во општата болница во Никозија, а привремено е затворена Клиниката за кардиохирургија, соопштија од Министерството за здравство на Кипар, со оглед на тоа дека еден од двата потврдени случаи на коронавирусот е директорот на кардиохируршката клиника, јави дописничката на МИА од Атина.

64-годишниот кардиохирург, на 3 март се вратил од Англија и дури завчера пријавил дека има одредени симптоми, по што анализите биле позитивни.

Во меѓувреме, во периодот меѓу 3 и 8 март, според кипарските медиуми, редовно одел на работа и вршел операции.

Во изјава за онлајн изданието на кипарскиот весник „Филелефтерос“, докторот Хрисостомос Кокинос, рекол дека веднаш штом се вратил од Лондон, истата вечер бил повикан во клиниката да интервенира во итен случај, а во следните денови исто така оперирал, без да има некакви сомнителни симптоми.

Во неделата вечерта почувствувал болки во мускулите, сметал дека тоа се должи на исцрпеност, но сепак побарал мислење од епидемиолозите во општата болница, кои му рекле дека нема потреба да прави анализи. Докторот инсистирал, направил анализа, а резултатот беше позитивен.
 
Според Министерството за здравство на Кипар во тек процесот на пронаоѓање и анализирање на блиските контакти на докторот, а некои се веќе во домашна изолација.

Паралелно од Министерството упатија повик, лицата кои биле во контакт со потврдениот случај да останат во домашна изолација и да ги контактираат надлежните.

Рано утрово, Министерството за здравство на Кипар објави ажурирани упатства за оние кои патувале во изминатите 14 дена во некоја од земјите со потврден Ковид-19.

Земјите се поделени во три категории.

Во првата категорија се регионот Хубеј во Кина, Италија, Иран и Република Кореа, а за патниците од овие земји се предвидува карантин или во болница или дома.

Изолација од 14 дена, телефонско лекарско следење и избегнување на блиски контакти, се препорачува за патниците кои доаѓаат од останатите делови од Кина, Јапонија, Хонгконг, Германија, Франција, Шпанија, Грција и Велика Британија.

Во третата категорија земји, се препорачува патниците сами да ја следат ситуацијата, да го ограничат движењето, а во случај на симптоми да стапат во контакт со надлежните. Во оваа група се Швајцарија, Холандија, Шведска, Белгија и Сингапур.

Министерот за здравство на Кипар, Константинос Јоану, на вчерашната прес конференција со новинарите ги соопшти првите два позитивни случаи на Ковид-19 , со што Кипар влезе на листата земји во кои е потврден новиот коронавирус.

Освен 64-годишниот кардиохирург, вториот потврден случај е кај и 25-годишно момче кое на 26 февруари се вратило од Милано, му била извршена проверка на аеродромот и било побарано да остане во домашна изолација, но и покрај тоа, втората проверка била позитивна.