Македонија
1. December 2020 - 20:12

Директорот на ИЈЗ се оградува од статусот на ќерката на Караџовски

„Драги безобразни новинари“. Ова ќерката на епидемиологот Жарко Караџовски, Елена Караџовска, вработена во Институтот за јавно здравје ја почнува својата објава на Фејсбук преку која се обиде да објасни зошто вчера доцнеше дневната ковид статистика.

Вели дека вработените остануваат ноќе за да бројат и рачно да внесуваат податоци кои подоцна се достапни за медиумите.  И според неа, срамота било да се коментира работата на ИЈЗ.

-Моите колеги знаат како е да не се прибереш дома со семејството, бидејќи бројат пријави и внесуваат податоци или работат во лабораторија. За разлика од сите вас шти си излегувате по кафани, слави, шетања и журкања низ државата и слично, некој нема време да живее на раат како вас, во време на корона пандемија, бидејќи работи одговорна работа. Срамота е да се коментира такво нешто, пишува Караџовска. ИЈЗ отсекогаш била институција која споделува податоци во врска со некоја состојба или настан. Вие работите, односно имате тема за статија зашто некој ви дава податоци, инаку ќе си пишувате за дневно-политички настани, пишува Караџовска.

Директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети се огради од нејзината изјава. Вели дека утре ќе Караџовска ќе биде повикана на разговор.

И од Министерството за здравство се оградуваат од статусот на Караџовска, но не добивме одговор дали ќе биде побараат санкција.

- Министерството за здравство ја поддржува работата на новинарите и медиумските работници и во нив гледа партнер во борбата со ковид кризата. Како институција остануваме отворени за навремено, транспарентно и точно информирање на јавноста, како и отворени за соработка со медиумите и медиумските работници. Министерството се оградува од приватните ставови изнесени на приватни профили на социјални мрежи, на вработени во здравствениот сектор, велат од Здравство.

Инаку, Караџовска околу пет години е вработена во ИЈЗ. Нејзината задача е администрирање и менаџирање на сајтот на Институтот.

Статусот на Караџовска доаѓа во време кога министерот Филипче беше на средба со Здружението на новинари и Самостојниот синдикат по неколкуте инциденти во кругот на „8-ми септември“ кога на новинарските екипи не им беше дозволено да ги снимаат гужвите пред тријажниот центар.