Македонија
30. јуни 2016 - 12:11

Димовски: Пратениците од СДСМ повторно ги ставија партиските пред интересите на граѓаните

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денеска обвини дека пратениците од СДСМ повторно нема да учествуваат на седницата за пратенички прашања и оти тие најотворено ги ставиле партиските интереси пред интересите на граѓаните коишто ги избрале да бидат нивни претставници и да ги застапуваат во Собранието на Република Македонија.

- Да потсетам дека ова што го прават пратениците од СДСМ не се случува првпат. Ова веќе им прераснува во традиција, за жал негативна. Целата македонска јавност беше сведок и знае дека пратениците од СДСМ во период од година и половина кога не доаѓаа на работа, а земаа плата од џебот на граѓаните, пропуштија вкупно 10 седници на кои ќе имаа можност да постават над 300 пратенички прашања од интерес и во полза на граѓаните, односно да решат над 300 проблеми на граѓаните, рече Димовски.

Од друга страна, пак, додаде тој, дури и на неколкуте седници за пратенички прашања на коишто пратениците од СДСМ се појавија наместо да се борат за решавање на проблемите на граѓаните, тие се решија да читаат партиски соопштенија и да поставуваат прашања нарачани од страна на Заев и Шекеринска.

Според Димовски, да е апсурдот поголем токму координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски пред извесно време бараше одржување на седница за пратенички прашања.

- Сепак, тие денес докажаа дека тоа нема никаква допирна точка со реалноста и со вистината. Очигледно пратениците од СДСМ повторно одлучија да се стават во улога на пратеници само на својата партија, но не и пратеници на граѓаните, изјави Димовски, додавајќи дека пратениците на СДСМ повторно одлучиле да бидат извршители, како што кажа, на наредбите и инструкциите коишто доаѓаат од седиштата на партијата.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партии како резултат на редовни и директни контакти и средби со граѓаните, според Димовски, досега поставила околу 300 пратенички прашања кои произлегуваат токму од разговорите со граѓаните и се нивен директен интерес.