Бизнис
16. December 2018 - 8:23

Димитровски: Во Македонија ќе остануваат се помалку инженери

– Во Македонија и во сите држави од овој простор има  се поголем недостиг од инженерски  кадар, а особено од добар професонален кадар со овластувања.  Тоа прашање Комората на овластени архитекти и инженери  не може да го решава  сама, туку тоа треба да се прави заедно со донесувачите на одлуките во државата, министерствата, стратегиските  центри за развој… Нашето чувство е дека во Македонија  во иднина ќе остануваат се помалку инженери , вели Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери во интервју за МИА.
 
Тоа, посочува, повеќе е општествено, политичко  и социјално прашање, а не прашање на продукција.
 
– Инженерската професија не е премногу атрактивна. Ако  гледаме социолошки или општо  во развојот на државите ќе забележиме дека сега семејствата имаат по едно до две деца и се многу внимателни  каде ќе го насочат своето дете  за да има иднина. Многу семејства одлучуваат дека ваквата тешка професија не е за  нивното дете, дека е подобро да биде лекар или правник, адвокат… Најчесто луѓето во нашите  професии ги замислуваат во син мантил, со шлем на главата, на градилиште или фабрика.  Воедно инженерските професии останаа тешки и по начинот на добивање диплома и по начинот на заработка. Исто така Европската заедница случајно или намерно ги отвора границите и ги привлекува особено инженерите, лекарите, да се движат кон Западна Европа,  давајќи им поволни услови, укажува Димитровски.
 
Како куриозитет наведува дека минатата година од 15 одобрени стипендии за студенти од факултетите по електротехника само двајца се пријавиле да ги користат.
 
– Кога ги прашавме другите 13 зошто не ја земаат стипендијата бидејќи таа е приход,  тие рекоа  – чекаме да ја земеме македонската диплома и веднаш да заминеме во Западна Европа. Тоа не треба да го игнорираме како процес.  Тоа се случува и на Машинскиот факултет, Технолошкиот. Треба да најдеме други механизми како нашите инженери да остануваат во државава, истакнува Димитровски.
 
Во Македонија има од 26.000 до 27.000 инженери. Овластување им се потребни на тие со ангажмани според Законот за градба, односно кои се инженери во инвестициска градба. Од пријавени 7.000 инжинери за овластување 3.500 се активни со важечки коморски овластувања.
 
Македонското овластување е рамноправно со  овластувањата во сите држави во Европскиот совет на инженерски комори  и тоа прашање е регулирано правно со договор со шест држави, а со останатите се договара. Наши инженери работат во Германија, Шпанија, која е најстрога во тој дел,  Италија, Бугарија. Нашите инженери одат во странство претежно з астандарди работи или ги следат македонските фирми
 
Досега Комората издала потврда за важноста на овластувањата на 500 странски инженери од 21 држава