Македонија
18. April 2018 - 11:47

Димитров за „Ла Кроa“: Во идеално сценарио решение за името за два до три месеци

 Во идеално сценарио решение за спорот со името може да се постигне во наредните два до три месеци, а итноста за решение е диктирана од европскиот воз, порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за францускиот весник „Ла Кроа“, кое го пренесува МИА.
 
Во тој контекст Димитров ги спомена Самитот за Балканот што ќе се одржи во мај во Софија, петнаесет години по Самитот во Солун, но и датумите за избори, во 2019 година ќе се одржат претседателски избори во Македонија и парламентарни избори во Грција.
 
- Се обидуваме да излеземе од ровот во кој се имаме закопано повеќе од дваесет години. Две европски земји кои споделуваат еден географски регион, треба да можат да најдат достоинствен начин кој ќе овозможи да се прави разлика меѓу нашата држава и регионот Македонија кој се наоѓа во Грција, без да се повреди идентитетот и достоинството на македонскиот народ, вели Димитров во интервјуто насловено „Македонија излегува од сенка“.
 
Посочи оти е потребно да бидеме многу внимателни кон јавното мислење во Македонија и во Грција.
 
- Иако нашите две земји имаат различни позиции, понекогаш се случува да се најдеме на иста страна со политичките сили кои сакаат компромис, а тоа се силите кои гледаат во иднината, а кои се спротивставуваат со силите од минатото и со национализмот, додаде тој.
 
На прашањето што ќе направи македонската страна со многубројните националистички споменици во Скопје, Димитров истакна дека  опсесивното свртување кон античките времиња не е здраво.
 
- Прибегнувајќи кон митовите, ги губиме младите генерации. Министерството за култура треба да одлучи што ќе прави со „Скопје 2014" -  Голем архитектонски проект на антиквизација кое го спроведе предходното националистичко мнозинство. Лично, би сугерирал да се организира голем светски уметнички натпревар кој би му дал смисла на сиот тој хаос во градот. По јавна дебата, скопскиот аеродром наречен Александар Велики на големо негодување од Грција неодамна беше преименуван, нагласи шефот на дипломатијата. 
 
Во однос на перспективите за интеграција на Македонија во ЕУ вели дека бугарското претседателство претставува одлична можност Унијата да се сврти кон Балканот.
 
- Патот до целосна интеграција ќе биде долг. Ако не успееме да ја донесеме Европа во Македонија, да воспоставиме правила, правда, ред, тогаш помладите генерации ќе продолжат да ја напуштаат земјата како и балканскиот регион поради недостиг на надеж. За среќа, некои и се враќаат, додава тој.
 
Во врска со солидарноста од страна на земјите кои беа дел од поранешна Југославија Димитров нагласи дека сега е време за надминување на расправиите.
 
- Дојде време ние на Балканот да ги оставиме нашите расправии - кој е најстариот народ, кој најмногу дал жртви и да ги засукаме ракавите за да инвестираме во економијата, образованието и здравството, вели тој.
 
Потсети дека Македонија веќе потпишала Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а минатиот декември, одржала заедничка владина седница со соседна Албанија, прва од 1991 година.
 
- Не сакам да звучам надмено, меѓутоа се јавува една нова енергија во регионот и таа нова динамика е делумно поттикната од Македонија, нагласи Димитров во интервју за Ла Кроа, кое го пренесува МИА.