Македонија
24. September 2021 - 12:36

Димитров: Односот со Бугарија се измести откако таа го прекрши Договорот за добрососедство

Односот со Бугарија се измести отако таа го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство, којшто зборува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку пак ќе не блокира. Ние доживеавме две вета и проблематизирање на нашиот јазик. Нема напредок во атмосфера на уцена. Потребна е заемна доверба и почит за напредок во дијалогот за сите прашања, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Во принцип на Договорот за пријателство со Бугарија беше владите, политичките лидери да се бават со сегашноста и со иднината, а историчарите да се бават со историјата. Тоа што политиката може да го прави е да создаде поволна клима – општествата, академските кругови, членовите на комисијата за историски развојни прашања да разговараат слободно и отворено. Тоа што се случи е – односот се измести бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот којшто зборува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку пак ќе не блокира. Ние доживеавме две вета, доживеавме и проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, нашиот јазик – македонскиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија вистинскиот искрен дијалог многу тежок. Тоа е главниот проблем во овој момент. Ние ќе продолжиме да настојуваме тој проблем да го решиме. Колку повеќе ќе има доверба и почит кон другиот и прашањата што се важни за другиот толку полесно ќе оди дијалогот за сите прашања што се важни за двете страни, изјави Димитров на новинарско прашање по потпишување на Меморандумот за трилатералниот проект за унапредување на дигитализацијата во Македонија.  

Тој на дополнително прашање посочи дека „големиот проблем за напредок и во разговорите околу историјата и во разговорите за другите теми каде имаме разлики е атмосферата на уцена“.

-И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека која што вели „со сила нема убавина“. За вистинска блискост и за вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Мора да има меѓусебна почит, мора да има поголемо разбирање на чувствителноста на другиот. Не може да се создаде блискост и пријателство без таква елементарна почит и никако не може да се создаде блискост и пријателства кога се уценува, потенцира Димитров.  

Тој повтори дека одговорноста на политиката е да создаде атмосфера, одговорноста на експертите, академската заедница е да ги адресираат историските прашања. -Во моментов таа атмосфера е нарушена поради двете вета – прекршувањето на членот 2 од Договорот кој вели дека Бугарија ќе не поддржува и ќе ни помага одејќи напред кон заедничката европска иднина и што побргу се вратиме во една позитивна атмосфера да обезбедиме разликите да ги разговараме, толку поголем прогрес ќе направиме.  

Запрашана во врска со изјавата на новиот американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи Габриел Ескобар дека постојат и други начини да се реши ова прашање, без да се блокира европската интеграција на Македонија амабасадорката Кејт Мари Брнз рече дека тој ја повторил американската политика за долгорочна вредност, односно поддршка за евроинтеграцијата на земјава. 

-Ние ја гледаме македонската иднина во ЕУ и ја потврдуваме важноста на разрешување на прашањата и се надеваме дека ќе продолжи до крајот на годината. Продолжуваме да разговараме со сите партнери, имаме разговор со Владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа да се погрижиме да направиме се што можеме за да го поддржиме движењето на процесот напред. Немам конкретна најава во овој момент, освен да потврдам дека САД ќе се вклучат во ова прашање и во разговорите затоа што сите ја делиме истата визија Македонија да го заземе заслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде бргу, рече Брнз.  

Таа повтори дека не сака да шпекулира за некој план за којшто немам чуено.

-Многу е јасно дека улогата на САД е дека ние имаме интерес и ја сметаме Македонија како стратешки партнер како и ЕУ, меѓутоа, ова не е ситуација САД директно да ја решава. Така што, стоите надвор од лоши информации, рече американската амбасадорка Брнз.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграција согласно членот 2 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка и оти земјава нема да испорача никакви конкретни чекори додека не ја добие поддршката.