Македонија
11. October 2017 - 8:36

Димитров на министерски состанок на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на покана на унгарскиот колега Петер Сијарто, ќе учествува на министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан што се одржува во Будимпешта.

Годинашниот состанок во Будимпешта се одржува во рамките на Унгарското претседателство со Вишеградската група, а исто така се поканети да учествуваат и министрите за надворешни работи на Естонија, Романија и Словенија. Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Вишеградската група – В4, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, е традиционален поддржувач на европската перспектива на Балканот. Тоа се потврдува и со одржувањето на редовни есенски состаноци на министрите за надворешни работи во формат В4 и Западен Балкан.