Македонија
9. November 2017 - 12:12

Димитров: Ќе ја убедиме ЕУ дека заслужуваме членство заедно со Србија и Црна Гора

Македонија ќе направи се што може да го фати возот и заедно со Црна Гора и Србија да стане членка на ЕУ и преку надминувањето на заостанувањето во однос на реформите да ја убеди Европската комисија во тоа, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот црногорски колега Срѓан Дармановиќ.

- Би било многу убаво ако имаме реформска трка во регионот. Многупати повторувавме дека на Балканот или заедно ќе успееме или заедно нема да успееме. Македонија е среќна и има корист од тоа што Црна Гора напредува успешно по својот европски пат. Ќе направиме се што можеме да го фатиме тој воз и да ја убедиме Европската комисија и претседателот Јункер дека е многу важно во тој документ што ќе го објават во февруари да има простор Македонија да го надомести заостанатото. Тоа би било многу корисно и за евроинтеграциите, рече Димитров запрашан за коментар во однос на изјавата на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер дека до 2025 година Црна Гора и Србија ќе станат дел од ЕУ.

Според Дармановиќ, Црна Гора помина многу тежок пат во преговорите за членство во ЕУ и имајќи ги предвид своите највисоки приоритети за стабилност на регионот, се залага сите земји да одат побрзо кон ЕУ и НАТО-интеграциите притоа секоја да биде оценувана според своите постигнувања.

- Црна Гора се залага за принципот на регата, односно секоја земја да биде оценувана според постигнувањата. Тој принцип е одличен за секоја земја - кандидат, за секоја земја која има европски амбиции и со самото тоа тој принцип може да биде многу корисен и за Македонија. Реформите се одвиваат добро и зошто Македонија да не влезе во кругот на овие земји кои ги спомнавте. Изјавата на претседателот Јункер е охрабрување и сигурно е дека ЕУ нема да остане на 28 земји членки. Сметаме дека во тој процес секоја земја треба да ги добие резултатите што ги заслужува и да стане членка на Унијата кога за тоа ќе биде подготвена, рече Дармановиќ.

Шефот на црногорската дипломатија Дермановиќ во рамки на посетата на Македонија денеска ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Парламентот Талат Џафери.