Македонија
27. February 2019 - 11:20

Димитров – Цакај: Скопје и Тирана стратегиски партнери, и сојузници во НАТО и ЕУ

 Албанија беше трета земја членка на НАТО што го потпиша Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата, а двете земји ќе споделуваат и искуства на патот кон Европската Унија.

Ова го истакна вршителот на должност министер за надворешни работи на Албанија Гент Цакај на денешната заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

-Република Северна Македонија не е само сосед земја како резултат на случајни географски околности, туку и пријател и стратегиски партнер со кој односите ги градиме преку конструктивен дијалог и ефективна соработка. Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и заеднички пат кон ЕУ е додадена вредност за развој на регионот и особено за негување на мирот и стабилноста, рече Цакај.

Министерот Димитров од своја страна и се заблагодари на Албанија за неодамнешната ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО во албанскиот Парламент. Тој се осврна и на заедничките европски визии на двете земји.

-Успехот на една држава од регионот е успех за целиот регион. Многу би сакале во јуни да имаме повод за заедничко славење, рече Димитров.

Двете земји очекуваат во јуни на Самитот на ЕУ да биде потврдена одлуката за отпочнување на преговорите со ЕУ.

На средбата станало збор, меѓу другото, и за Коридорот 8 и за можноста за скоро потпишување иницијатива за воспоставување културни центри во двете земји, како и за значењето на албанската заедница во нашата земја и на македонската заедница во Албанија кои се мост на соработката, а станало збор и за Законот за употреба на јазиците кој бил поздравен од албанска страна како придонес кон етничкиот соживот и демократскиот карактер на државата.

На новинарско прашање, шефот на албанската дипломатија потврди дека вчера во Скопје имал средби со сите лидери на албанските политички партии на кои, како што рече, размениле идеи за повеќе прашања.

-Разменивме идеи и имавме искрени разговори. Ја потврдивме неопходноста за нашата понатамошна соработка за да се координираат активностите и за да имаме  конструктивна улога воопшто, рече Цакај.

На прашањето како ја коментираат идејата за корекција на границите меѓу Косово и Србија, двајцата министри истакнаа дека тоа е, пред се, прашање на властите во Белград и Приштина.

-Ова е прашање за косовските институции. Албанија само може да го поддржи ставот на Косово. Во овој процес ние поддржуваме нормализација на односите меѓу Косово и Србија и сметаме дека секој договор треба да се заклучи со поддржување на европските перспективи, посочи Цакај.

За Димитров има два клучни елемента за ставот на Македонија во однос на ова прашање.

-Поддржуваме решение со кое ќе се согласат и Белград и Приштина. Тоа е многу елементарно бидејќи проблемот е таму. Вториот елемент е решение што ќе придонесе кон регионалната стабилност и визијата целиот регион да оди кон Европа, рече Димитров.

Цакај денеска во Скопје треба да има средби и во Владата и во Собранието.