Македонија
19. October 2021 - 16:45

Димитриевски обвинува за закани и притисоци, со ротации однесен на технички, внатрешна контрола проверува

Тоа е македонската демократија. Нека му служи на чест и на министерот, а нека му служи на чест и на мојот поранешен другар бидејќи ова не личи на ништо – Максим Димитриевски.

Актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат во Куманово обвинува за притисоци од централната власт. Тој на Фејсбук објави дека неговото возило било следено, а потоа и запрено од полициски службеници.

Тврди дека возилото е ново и ги поседува сите документи, а сепак полициските службеници им наредиле да одат на вонреден технички сервис.

- На возилото се запалени ротации и не насочуваат каде ќе не носат. Каде ќе не носат ни самиот не знам. Еве, јавно го повикувам господинот Спасовски да даде образложение што ова се случува во Куманово и кои се мотивите да бидам континуирано следен од страна на полициски службеници? Дали има налог од Основно јавно обвинителство за такво постапување и зошто е ваквиот третман кон мене?, вели Димитриевски.

Случајот го истражува Внатрешната контрола на МВР. Но за него полицијата не дава многу детали.

- Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „рено“, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи било каков притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Димитриевски во градоначалничката фотелја седна како кандидат од СДСМ, но на овие избори реши сам да се кандидира како независен кандидат. Во вториот круг од гласањето одат тој и кандидатот на владејачката партија, Оливер Илиевски, но битката е многу тесна со оглед на тоа што Димитриевски има предност од само 22 гласа.