Македонија
26. February 2016 - 17:11

Димитриев: Има повеќе од доволно време за прочистување на избирачкиот список до 5 јуни

Има повеќе од доволно време за ДИК да го прочисти избирачкиот список до 5 јуни, изјави премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев по денешната посета на Државната изборна комисија. 

- Апсолутно има услови да се постигнат сите рокови за спроведување фер и демократски избори на 5 јуни, рече Димитриев по средбата оценувајќи ја за конструктивна.

Тој посочи дека од членовите на ДИК добил уверување дека дополнителното време кое што е добиено со поместување на рокот за одржување на изборите е доволно да се постигне се што е обврска на ДИК.

- Ние како Влада и сега го делиме ставот дека оптимален и реален рок за одржување на изборите беше 24 април и реално можеше да се постигне за организирање на фер избори. Меѓутоа, апелирав поместувањето на рокот на изборите да не влијае да го чекаме крајниот рок за исполнување на сите обврски, да си ги завршиме обврските многу пред тоа со што ќе влијаеме за дополнително создавање на позитивна атмосфера и амбиент,  рече Димитриев.

Тој информира дека на средбата станало збор за сите тековни активности на ДИК и за тоа што Владата може да помогнеме во однос на потребите на Комисијата при што договориле идни чекори коишто Владата треба да ги направи за поддршка на ДИК со цел да се запазат сите рокови за организирање фер и кредибилни избори.

- Веќе денеска завршува процесот на валидација на податоците. Уште денеска или најдоцна утре може да се почне со вкрстување на базите на податоци. Експертите коишто ги има ангажирано ДИК предвидуваат  тоа вкрстување на податоците да трае седум до десет дена. Потоа следи теренската проверка што значи дека имаме многу извесна ситуација дека на време ќе биде прочистен Избирачкиот список, рече Димитриев.

Тој смета дека ДИК се обидува да направи се, но сепак оценува дека работата може да се одвива со побрзо темпо и затоа, вели, настојува да имаат почеста комуникација со Комисијата барем во делот во кој може да помогнат за работите да се решаваат на дневна база. - Од овој состанок јас имам уверување дека ќе се постигнат сите потребни услови за одржување на изборите, вели премиерот за спроведување на изборите.

Запрашан од новинарите за кои други прашања станало збор на денешниот состанок, тој појасни дека во прашање се набавки и логистика за што побарал и список од ДИК со цел, како што вели, да не се губи време..

- ДИК има потреба од спроведување одредени јавни набавки за логистика, набавка на компјутери и слични работи. За тоа се потреби одредени рокови и за да не губи време во спроведување на јавни набавки им понудив сето тоа што можеме како Влада да помогнеме да го отстапиме на ДИК за да не дојдеме во ситуација да не може Комисијата да функционира заради одредена логистика. Побарав цел список од ДИК што им е потребно да најдеме начин како тоа да биде решено со многу кратки рокови, рече Димитриев.

Во однос на кадровското екипирање, додаде, работите се одвиваат добро.

- Веќе се имаат екипирано со одреден број на правници, имаат ангажирано луѓе коишто работат на Избирачкиот список, а коишто се преземени од Заводот за статистика. Останува дополнително да се доекипираат со ИТ инженери коишто под претпоставка ако нема интерес на објавениот оглас ние понудивме две варијатни со преземање ваков кадар од државната служба или добив информација дека имало одредени луѓе коишто претходно работеле за ДИК да се склучат одредени договори тие повторно да бидат ангажирани во функција на ДИК и да биде решен и овој проблем со овој профил на луѓе, рече Димитриев.

Ова е трета средба на премиерот за спроведување на изборите со ДИК, а втора која се одржува во просториите на Комисијата.