Македонија
6. March 2021 - 18:04

Димитриеска-Кочоска:Власта се задолжила на значајно пократок рок со иста или со повисока каматна стапка отколку Србија и Хрватска

Каматната стапка на осмата еврообврзница на земјава, која беше издадена оваа недела, е пониска од многу земји кои се дел од Европската унија или кои имаат и подобар кредитен рејтинг од земјава, како Хрватска, Турција и Србија”, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во емисијата ТОП ТЕМА”.

Дали постигнавме пониска каматна стапка на задолжувањето преку Еврообврзницата од земјите кои издадоа пред нас Еврообврзници во 2021 година?

Пред Македонија, во февруари Еврообврзници издадоа Хрватска и Србија во евра, и Турција во јануари во долари. Да се споредиме со земјите од регионот, а не со Турција, кадешто и Еврообрзниците се доларски деноминирани, за да не мешаме баби и жаби. Хрватска на рок од 20 години позајми по речиси иста каматна стапка како ние на рок од 7 години, а на рок од 12 години, Хрватска позајми по пониска каматна стапка. Србија на рок од 12 година (а ние 7 години) позајми по иста каматна стапка како нас (1,65%). Побарувачката за Еврообврзниците на двете земји беше речиси 6 пати повисока од понудениот износ, а за нашата Еврообврзница беше 2,3 пати.

И сега, кого манипулирате? Ако вистински ги изнесете податоците, не е толку голем успехот којшто го преставувате. Прво, не сме постигнале пониски камати од соседите. Напротив, сме се задолжиле на значајно пократок рок со иста или со повисока каматна стапка оттколку Србија и Хрватска. Ова покажува дека поризично не перципираат инвеститорите! Второ, побарувачката за Еврообврзниците на овие земји е значајно повисока од нашата (6 пати наспроти 2,3 пати). Ова значи дека инвеститорите повеќе се бореа да запишат долг од овие држави, односно повеќе веруваат на нив оттколку на вас! Потем – Србија не е членка на НАТО. Прашање: Зошто не издадовте Еврообврзница со рок на достасување од 12 години исто како Србија, па да видиме како ја оценуваат ризичноста на нашата земја? Министре, тогаш ќе може да споредувате како стоиме во споредба со земјите од регионот!

“Успеавме да постигнеме историски најниска каматна стапка од 1,625% за осмата еврообврзница, неколкукратно пониска во однос на претходно издадените обврзници од земјава. Инвеститорите имаа поголема доверба во нашата економија и нејзината перспектива и постигнавме историски најниска каматна стапка од 1,625%”, рече Бесими во емисијата „Топ тема“.

Пак манипулација дека нивото на каматната стапка е врзано со перспективните и розевата слика во државата. Каматната стапка по која се задолживме е најниска до сега од сите каматни стапки на издадените Еврообврзници на Македонија, како што е најниска каматната стапка и за Хрватска и Србија од сите каматни стапки со кои се издадени нивните претходно издадени Еврообврзници. Едно треба да е јасно, каматните стапки на земјите од Балкан се движат во иста насока и се слични. На пример, во 2015 година ние издадовме Еврообврзница од 500 милини евра со рок од 7 години со купонска камата од 3,975%, додека во истата година Црна Гора издаде 5 годишна Еврообврзница со купонска камата од 5,375%.

И за ниската историска камата не успеавте ВИЕ – туку ова го диктираат условите на пазарот и инвеститорите. Да појаснам на јавноста, во различни периоди е различна ликвидноста на финансиските пазари, различна е поставеноста на монетарната политика на глобалните централни банки, различна е склоноста за преземање на ризик на инвеститорите. Блумберг направи добра анализа зошто земјите од Балкан интензивно се задолжуваат со издавање на Еврообврзници и зошто има за нив побарувачка. Една од причините е намаленото издавање на долг на меѓународните финансиски пазари од страна на земјите од Источна Европа (Полска, Унгарија и Чешка), коешто опаќа во последните 10 години, со исклучок на минатата година заради обезбедување на финансирање на помошта за Ковид-19. Овие држави се насочија кон домашните пазари на капитал, имајќи предвид дека имаат двојно повисок доход од Балканот, повисоки стапки на домашно штедење и позрелото централно банкарство, коешто им овозможи да се насочат кон програми за откуп на средства за да помогнат во финансирање на буџетите. Во вакви околности „Издавањето на долг на меѓународните пазари го претпочитаат земјите од Балканот затоа што нивните помалку развиени локални пазари на капитал не дозволуваат собирање толку големи количини на капитал“, рече Антон Хаузер, менаџер на пари во „Ерсте Асет Менаџмент“ во Виена. За инвеститорите, „долгот со повисок принос издаден од балканските земји е еден вид замена за обврзниците издадени од централноевропските земји, кои во денешно време нудат многу пониски приноси“, рече тој. Ова ја објаснува побарувачката за нашите Еврообврзници и падот на каматите, во услови на голема глобална ликвидност којашто е во потрага по принос. Со еден збор, условите во 2015 година на меѓународните финансиски пазари се различни од денешните. Или во 2015 година вкупниот износ на тргувани обврзници со негативени приноси бил 3,6 трилиони долари, а денес е 18 трилиони долари!

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ