Македонија
12. March 2020 - 21:00

ДИК ги проверува пријавите на гласачите од дијаспората за изборите на 12 април

По проверката на пријавите на нашинците кои живеат и работат во странство Државната изборна комисија (ДИК) ќе излезе со информација колку од нив се прифатени и дали за предвремените парламентарни избори на 12 април ќе има гласање во дијаспората, и како ќе се одвива тоа имајќи го предвид развојот на настаните поврзани со ширењето на корона вирусот. Според апликацијата за пријавување на македонските државјани од странство на веб страната на ДИК за гласање се пријавиле до синоќа на полноќ, кога заврши рокот 7.508.

Офијалната информација од ДИК во текот на денот и вечерва е дека тие се уште се проверуваат.

За да се организираат избори во дијаспората потребни се 6.540 валидни пријави односно онолку колку што на последните избори освоил пратеникот со најмалку гласови. Последните информации од вчера беа дека најмног пријави има од Мелбурн, Венеција, Берлин, Берн и Торонто. Венеција, која се наоѓа во северниот дел на Италија, е во карантин, а засега не може да се претпостави што ќе се случува во другите европски градови со ширењето на епидемијата на Корона вирусот.

Се очекува ДИК во утрешниот ден да информира и за увидот во Избирачкиот список, бидејќи рокот заврши исто така ноќеска на полноќ.

Според податоците на ДИК, од 26 февруари, кога започна увидот во Избирачкиот список, до 10 март, во подрачните единици и канцеларии на Комисијата во земјата увид направиле 9.084 избирачи. Запишани во Избирачкиот список во истиот период се 233 граѓани. Решение за бришење е донесено за 47 граѓани, а за 74 граѓани е извршена промена на податоците во Избирачкиот список. Деветмина граѓани кои направиле увид биле со поништено живеалиште.

Нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.

Според Роковникот за изборите, ДИК е должна во рок од пет дена (16 март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список да го достави до политичките партии. Партиите, пак, до 19 март доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од два дена од денот на приемот на барањето. Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Она што е новина е што во Избирачкиот список од годинава ќе бидат ставени сите лица со 18 години на денот на изборите. Предвидено е МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид да достави листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во Избирачкиот список по службена должност.

На изборите ќе можат да гласаат само граѓаните со важечка лична карта и пасош. Во спротивно тие нема да можат да го остварат правото на глас.

До 17 март до ДИК треба да пристигнат и податоци за лицата од затворите, во притвор и во куќен притвор, како и од МТСП за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 23 март. Заклучениот Избирачки список, ДИК го потпишува најдоцна на 2 април, односно десет дена пред одржувањето на изборите.