Македонија
16. March 2020 - 8:14

ДИК до утре треба да ги потврди кандидатските листи

Државната изборна комисија денеска, а најдоцна утре треба да ги потврди кандидатските листи на коалициите и политичките партии за учество на изборите на 12 април.

Кандидатски листи до ДИК поднесоа 15 коалиции и политички партии, а досега е потврдена само листата на партијата Глас за Македонија за пет изборни единици.

Според последните измени на Изборниот законик сега постапката поради проверката на кандидатите трае подолго. Уверенијата за неосудуваност и други податоци се проверуваат преку судовите од страна на ДИК и за доставување до ДИК судовите имаат 24 часа да одговорат електронски, а потоа документите да ги достават до Комисијата по пошта. Има рок и за отстранување на неправилностите на листите.

Од ДИК велат дека во некои од листите кои допрва треба да се потврдуваат се забележани одредени неправилности, како на пример не е запазена законската одредба за соодност мажи – жени.

По потврдувањето на кандидатските листи од ДИК, со жрепка ќе биде одреден редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче и тој број е ист во сите изборни единици. Жрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.

Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.