Македонија
17. September 2019 - 14:35

Девет посебно уредени места за паркирање велосипеди во Охрид

На девет нови поебно уредени локации низ градот Охриѓани ќе можат да ги оставата своите велосипеди.

На промоцијата на проектот „Паркинзи за велосипеди“ спроведен во рамки на активностите за одбележување на Европската недела на мобилност, градоначалникот Константин Георгиески истакна дека локалната самоуправа ќе ги поддржи сите активности во градот во насока на намалување на користењето автомобили во градот и промоција на употреба на велосипедите како превозни средства.

– Во насока на градење здрави животни навики и во насока на редуцирање на автомобилскиот сообраќај пред се во централното градско подрачје ние како локална самоуправа поддржани од ГИЗ и ЗЕЛС реализиравме проект вреден околу 600 000 денари за поставување на девет велосипедски постојки на повеќе локации во градот. Имаше потреба од соодветни места за паркирање велосипеди. Станува збор за проект кој е корисен и практичен за Охриѓани. Всушност малите нешта го поедноставуваат животот на луѓето и го прават поефикасно нивното секојдневно движење низ градот, рече Георгиески.

Притоа тој уште најави дека се изработува проект според кој по примерот на модерните градови, сите новопроектирани улици во Охрид да имаат велосипедски патеки.

Инаку, постојките за велосипеди се поставени на девет локации низ градот, и тоа во непосредна близина на поштата, по едно на улица „Македонски Просветители“, кај скаличките во близина на трговски центар „Амам“, на улица „Туристичка“ кај охридскиот зелен пазар, кај меѓуградската автобуска станица во Охрид , пред амбулантата „Маларична“, кај Факултетот за туризам и угостителство и пред општинската зграда.

Во рамки на одбележување на Европската недела на мобилност утре напладне во просториите на Општина Охрид ќе се одржи промоција на Планот за одржлива урбана мобилност( ПОУМ на град Охрид).