Македонија
12. August 2016 - 10:41

Девет од 10 млади веруваат дека силеџиството е проблем во нивните заедници

Над девет од 10 млади луѓе веруваат дека силеџиството е сеприсутен проблем во нивните заедници, а две третини велат дека и самите доживеале силеџиско малтретирање - покажува новата анкета спроведена од УНИЦЕФ и неговите партнери во над 20 земји ширум светот по повод 12 Август - Меѓународниот ден на младите.

Анкетата е спроведена преку У-извештај, брзорастечка алатка за вклучување на младите, која обезбедува платформа за над 2 милиони млади „У-репортери“ од над 20 земји. Во анкетата, преку СМС, Фејсбук и Твитер, на младите им беа поставени серија прашања за ефектите од силеџиството во нивната заедница, за нивните лични искуства со силеџиско малтретирање и што мислат дека може да се направи за да се стави крај на овој вид насилство.

Повеќе од 100.000 У-репортери, ангажирани од партнерите како што се „Извидници и девојки-водичи“, со проценета возраст од 13 до 30 години, учествуваа во анкетата, вклучувајќи ги и младите од Сенегал, Мексико, Уганда, Сиера Леоне, Либериа, Мозамбик, Украина, Чиле, Малезија, Нигерија, Свазиленд, Пакистан, Ирска, Буркина Фасо, Мали, Гвинеа, Индонезија, Замбија и преку Глобалниот канал за У-извештајот.

- Силеџиското малтретирање, вклучувајќи го и онлајн-малтретирањето, во голема мера останува погрешно разбран ризик по благосостојбата на децата и младите. За да се стави крај на овој вид насилство, мора да ја подобриме јавната свест за штетните ефекти од силеџиското малтретирање, да ги оспособиме наставниците, родителите и врсниците за идентификување на ризиците и за пријавување на инцидентите, како и за обезбедување грижа и заштита на жртвите, рече високиот советник на УНИЦЕФ за детска заштита Тереза Килбејн.

Според наоди од анкетата на У-извештајот, една третина од испитаниците сметале дека е сосема нормално да бидат малтретирани, па не кажале никому, а мнозинството испитаници кои се изјасниле како жртви на малтретирање велат дека биле малтретирани поради физичкиот изглед. Силеџиството, се наведува, се припишува и на родовата или сексуалната ориентација и етничката припадност. Една четвртина од жртвите изјавиле дека не знаат кому да му кажат. 

Над осум од 10 испитаници сметаат дека подигањето на свеста, како и обуката на наставниците за тоа како да им помогнат на децата да го пријават малтретирањето без да се чувствуваат непријатно е еден начин за одговор на овој проблем во училиштата. 

УНИЦЕФ работи на ангажирање на децата и адолесцентите околу ефектите од силеџиството како дел од глобалната иницијатива „Да ставиме крај на насилството врз децата“, преку платформата „У-извештај“ и преку глобални кампањи на социјалните медиуми (#ЕНДВиоленце.) Заедно со своите партнери, УНИЦЕФ работи на унапредување на образовните системи во училиштата и на воспоставување цврсти системи за упатување заради заштита на децата.

У-извештајот е алатка за социјални пораки достапна во 24 земји со база на членови од над два милиона млади луѓе. Платформата им овозможува на корисниците да одговараат на анкети и да известуваат за прашања, при што резултатите се користат за заговарање општествено-политички промени. У-репортерите, исто така, ги добиваат резултатите и им се испраќаат информации и совети од УНИЦЕФ, од нашите партнери и од самите У-репортери.

Во 1985 година, ОН ја прослави првата Меѓународна година на младите, која започна на 12 август - Меѓународниот ден на младите. Денес, Меѓународниот ден на младите привлекува внимание врз голем број културни и правни предизвици поврзани со младите и обезбедува форум за дискусија за тоа како да се зајакнат националните капацитети во областите во чиј фокус се младите, и да се зголемат можностите на младите за целосно, ефективно и конструктивно учество во општеството.