Македонија
19. January 2020 - 18:59

Детектор: Речиси две третини од граѓаните сметаат дека нема соодветен пристап во борбата со загадувањето

Речиси две третини од граѓаните сметаат дека во државата нема соодветен пристап за справување со загадувањето на воздухот, покажува последното истражување на јавното мислење што за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје.

Според резултатите од истражувањето, 62,6 проценти од граѓаните се со став дека земјава нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, а 18,1 проценти сметаат спротивно.

Споредбено со истражувањето направено во јануари минатата година, перцепцијата на граѓаните за ова прашање е влошена. Така, ако лани 26,7 проценти сметале дека земјава има соодветен пристап во справувањето со загадувањето, сега тој процент на граѓани паднал на 18,1 проценти. За сметка на тоа, зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека државата несоодветно се справува со загадувањето.

Анкетата покажа дека оценката на 78 проценти од граѓаните во Скопје е дека државата нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, а 11,4 проценти имаат спротивен став.

Најголемиот број од граѓаните или 22,9 проценти сметаат дека главнта причина за загадувањето е горењето и фрлањето на отпад, а 22 проценти како причина за загадувањето ги посочуваат фабриките и
индустријата. 21 процент сметаат дека причина за загадувањето се греењето и затоплувањето, а 18,5 проценти се на став дека најмногу загадува транспортот.

Над 30 проценти од анкетираните сметаат дека годинава дишеме понеквалитетен воздух, а само 10 проценти дека квалитетот на воздухот се подобрува. Над 51 процент велат дека во споредба со лани, нема промени во квалитетот на воздухот.

Близу две третини од граѓаните сметаат дека е многу важно да се реши проблемот со
загадувањето. Споредено со минатата година, податоците покажуваат дека расте свесноста кај граѓаните за влијанието на загадениот воздух врз квалитетот на живот.

Шесеет и три проценти мислат дека надлежните служби не вршат соодветен инспекциски надзор
со цел да се намали загадувањето, 10,3 проценти се убедени во спротивното, а 26,3 проценти
немаат одговор.

Најголем дел или 44,6 проценти од анкетираните велат дека домот го загреваат на дрва,  37
проценти се греат на струја, 16,2 проценти на парно и 0,2 проценти на нафта и на гас. Во главниот град, најголем дел од граѓаните се греат на струја. Станува збор за 43,1 проценти од анкетираните, додека 40,7 проценти се греат на парно. Само 16,3 проценти од скопјаните се греат на дрва. Во скопскиот
регион каде што мрежата за парно е најразвиена дури 36,6 проценти од граѓаните велат дека се
подготвени да се вклучат на централниот систем доколку за тоа добијат услови.

Најмногу греење на дрва има во источниот и југоисточниот дел каде на овој начин се греат
над 60 проценти од граѓаните. Над половина домаќинства се греат на дрво и во вардарскиот,
пелагонискиот, југозападниот и североисточниот дел на Македонија, а 49,7 проценти во полошкиот.
Најмалку дрвото за огрев се користи во скопскиот регион.

Доколку Македонија стане членка на ЕУ, 37,6 проценти од граѓаните сметаат дека полесно ќе се надмине
проблемот со загадувањето на воздухот, додека 27 проценти се изјасниле дека нема да има никаква разлика.

Истражувањето е спроведено врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11
јануари со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти