Македонија
15. March 2020 - 17:21

Детектор: Близу половина од граѓаните сметаат дека македонската економија назадува

Близу половина од граѓаните сметаат дека македонската економија назадува. Вакви резултати покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. 
Според него, 44% од анкетираните велат дека состојбата со економијата во Македонија назадува. 24,9% велат дека нема некои промени во споредба со состојбата од претходно додека нешто помалку од една четвртина од анкетираните или 24,5% се на ставот дека економијата бележи напредок.
Од економските политики, поголемо мнозинство граѓани ја одобруваат праксата на субвенции од државата во насока на привлекување на странски инвестиции. 71% од анкетираните во Детектор поддржуваат да се делат субвенции за да се привлечат странски инвеститори додека само 14,9% од анкетираните се против.

Анкетата на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје од 10 до 13 февруари оваа година врз репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.