Македонија
31. October 2018 - 11:44

Дескоска пред Советот за судски реформи го презентира мислењето на Венецијанската комисија за двата судски закона

Министерката за правда Рената Дескоска синоќа на шестата седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2022 година) на Владата на Република Македонија, го презентираше добиеното мислење од Венецијанската комисија по прашањата за Законите за судови и за Судски совет.

Со укажување дека Венецијанската комисија покажала подготвеност и во оваа фаза да ги поддржи наведените закони, како што е наведено во соопштението од Владата, министерката Дескоска потенцира дека се работи за „прецизно трасирање на насоките во делот на измените со конкретни забелешки на одредени членови од законот“.

Нарекувајќи го делот на разрешувањето на судиите „главна тема“, во мислењето на Венецијанската Комисија, министерката за правда само го пренесе различното видување на Венецијанската Комисија, и укажа дека комисијата прави дистинкција меѓу нестручност и несовесност во работата на судиите.

Говорејќи за критериумите за квалитет на оценување на судиите беше кажано дека оценување треба да се исползува заради напредување на судиите.

Премиерот Зоран Заев, како претседавач на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, најави интензивирање во делот на финиширање и спроведување на реформите во правосудниот сектор.

Дебатирајќи за Законот за судови, членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор укажаа на одредени недостатоци на Законот за судови, притоа потенцирајќи и повикувајќи се на некои од актуелните состојби.