Македонија
10. April 2017 - 13:23

Десетто продолжение на конститутивната седница

Во Собранието на Република Македонија почна 10-тото продолжение на конститутивната седница на која се расправа за изборот на Комисијата за изборите и именувањата. Пратениците и денеска продолжија со реплики и процедурални забелешки. 

СДСМ, повикувајќи се на член 78, повторно побара од претседавачот на седницата Трајко Вељаноски да се премине на 4-тата точка од дневниот ред, односно на изборот за претседател на Собранието, додека според ВМРО-ДПМНЕ со тоа се крши деловничкото право и претресот треба да трае додека не се исцрпи листата со пријавени пратеници за збор. 

Ферид Мухиќ од СДСМ побара да не се користат термините криминалци, предавници и слично и апелираше да не се употребува името тиранска платформа, бидејќи како што рече, документ со такво име не постои. Повика што поскоро да се изгласа Комисијата и да се избре претседателот за потоа во отворена дебата да се дојде до јасен став за спорната декларација и карактерот на барањата содржани во неа. 

Оливер Спасовски оцени дека расправата се одолговлекува и оти најмалку има плодна дебата од која ќе произлезат сериозни аргументи со коишто ќе се расчистат дилемите во јавноста. 

- Бараме врз основа на член 78 став 2 со поддршка од 10 пратеници да биде донесена одлука да преминеме на четвртата точка. Се додека не слушнам еден аргумент кој ќе го побие став 2 од членот 78 или да се прочита друга одредба што ќе укаже на тоа дека не сум во право ќе барам, а Вељаноски е должен да биде ставен на гласање тој предлог, рече Спасовски.

Неговата колешка Радмила Шекеринска Јанковска посочи дека во членот 78 од Деловникот е е ставена опција со која се дава можност да се менува распоредот на точките на дневниот ред.

Независниот пратеник Павле Богоевски посочи дека не бараат прекинување на дебатата, туку спојување на двете точки и обвини дека претседавачот Вељаноски спротивно на Деловникот спречил гласање по предлогот.

На ваквото барање, претседавачот Вељаноски рече дека има разлика за барањето во тек на седница и претрес по точка од дневен ред. - Нешто што е започнато не може да се прекине додека не заврши, рече Вељаноски.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на член 80 став 1, рече дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пријавени за збор. 

- Денеска расправаме по 3-тата точка и додека не се исцрпи листата на пријавени, не може да се премине на друга точка, истакна Мукоски.

Според Антонијо Милошоски се прави деловничко насилство, затоа што, како што рече, Заев има ограничен временски период да го испорача она што го ветил и оти сега Деловникот треба да ја плати цената.

- Не може Деловникот да биде жртва и слободата на говорот на пратениците избрани од народот да бидат помалку важни од изборите и изборната демократија од она што е договорено по изборите, посочи Милошоски.

Неговиот сопартиец Владимир Ѓорчев рече дека она што го предлагаат пратениците од СДСМ ниту еднаш се нема случено во Парламентот.

- Ова толкување што го има СДСМ нас ни одговорало 1000 пати изминатите 10 години. Да ги прекинеме дискусиите што тие ги имале, да ги поминеме законите побрзо, но тоа ниту еднаш не се случи затоа што добро знаат дека тоа не е така и дека не им држи објаснувањето. Затоа што ако еднаш се спроведе ова, тогаш не знам каде ќе завршиме, рече Ѓорчев, додавајќи дека имаат јасна ситуација во Деловникот.