Свет
19. January 2021 - 13:25

„Дер Шпигел“ го објави нацрт-планот на Меркел за уште построг локдаун до средината на февруари

Германија уште од ноември се наоѓа во некаков вид локдаун, што првично требаше да трае само четири недели и дефинитивно да заврши пред Божиќните празници. Во меѓувреме, училиштата, продавниците што не продаваат основни намирници, баровите, рестораните и забавните и културни објекти се затворени во земјата, со мерки што постепено се интензивираат од нивното воведување на почетокот на ноември. Во сила е и мерката според која едно домаќинство може да го посети само едно лице надвор од тој круг.

Во областите каде има повеќе од 200 нови случаи на 100.000 жители, во период од седум дена не е дозволено домот да се напушта повеќе од 15 километри.

Експертите, но и многу политичари се согласуваат дека постојните мерки треба да се засилат бидејќи дневниот број на новозаболени лица е рекорден, а секој ден веќе умираат повеќе од 1.000 луѓе.

Според „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Меркел ќе побара училиштата да останат затворени, да остане задолжителната работа од дома, задолжително носење на медицински или маски ФФП2 на јавно место, па дури и полициски час.

Мерките треба да траат до 15 февруари, се предлага во нацрт-мерките што Меркел ќе ги претстави денеска, а до кои дојде весникот „Дер Шпигел“ .

Мерката според која само членови од исто домаќинство можат да се дружат треба да остане во сила, додека само едно лице од друго домаќинство може да дојде да ги посети.

Другата важна мерка е обврската да се носат медицински маски или маски ФФП2 во јавниот превоз и продавниците.

Нацртот особено нагласува дека е клучно училиштата и градинките да останат затворени.

„Постојат индикации дека мутираниот вид на вирусот се шири побрзо кај децата и адолесцентите отколку неговите претходни видови“, се навдува во документот. Затоа, училиштата ќе останат затворени до 15 февруари.

Се шпекулира и за прекин на јавниот превоз, но тоа се уште не е потврдено.