Македонија
5. October 2015 - 8:32

Денови на македонската книжевност во Хрватска

Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје предводена од директорот Иван К. Заров, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Националната и универзитетска библиотека во Загреб, Хрватска. Тој ќе се сретне со неговата хрватска колешка Татијана Петриќ, со која ќе присуствуваат и на манифестацијата „Денови на македонската книжевност во Хрватска“.

Оваа манифестација опфаќа репрезентативна изложба на книги преведени од македонски на хрватски јазик во периодот од 1990 до 2015 година со гостување и настап на тројца македонски писатели, и тркалезна маса посветена на преводот и преведувањето, како и на можностите за збогатување на фондот на  преведени дела од македонски на хрватски јазик и обратно. 

На свеченото отворање на изложбата ќе се обратат директорите на македонската и хрватската национална библиотеки и помошникот министер за култура на Хрватска Владимир Стојсављевиќ.

Македонските писатели Лидија Димковска, Блаже Миневски и Владимир Илиевски ќе читаат извадоци од свои познати дела на македонски јазик со превод на хрватски јазик, а следниот ден ќе учествуваат на трибината за преводот, чиј координатор ќе биде проф. Борислав Павловски. Најавено е учество на повеќе издавачи, книжевни агенти и писатели од Хрватска.

По претставувањето на хрватската  книжевност во Скопје во 2014, ова е возвратна манифестација за претставување на македонската книжевност во Хрватска која треба да иницира поинтензивна соработка за меѓусебно приближување и запознавање на книжевностите на соседните земји. 

Следната година овој проект продолжува со реципрочна соработка со бугарската Национална библиотека, а потоа и со словенечката, црногорската, босанската, романската...

Основната идеја на овој концепт е дека со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од Југоисточна Европа не само што ќе се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување,  размена и превод на врвни книжевни дела, туку ќе се отворат и нови можности за уште поголема културна комуникација на  народите од овој дел на  Европа.