Македонија
17. October 2017 - 16:48

Денеска на полноќ истекува рокот за поднесување приговори до ДИК

До државната изборна комисија засега пристигнал само еден приговор за неделните избори. Приговорот го поднела Алијансата на Албанците, а се однесува на начинот на кој се пребројувале гласовите во избирачко место во Гостивар. Рокот за поднесување на приговори за постапката за гласање истекува денеска во 19 часот, додека пак, за изборните резултати на полноќ.

Освен овој приговор од партија стигнал и приговор од ТМОРО, но тој не се однесувал на гласањето и резултатите туку остварување на избирачко право од страна на граѓанин и тој не влегува во оваа група на приговори за изборите. Од партијата на Ванчо Шехтански претходно најавија дури 600 приговори за изборите за градоначалници и локални совети.

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управен суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот пак, е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Вториот круг, според роковникот на ДИК треба да се одржи на 29 октомври. Засега, независно од приговорите, извесно е дека втор круг гласање ќе има во 35 општини. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се натпреваруваат со своите кандидати во 19 општини. Во најголем дел од нив со предност влегува владејачката СДСМ. Градоначланик на 29-ти ќе се бира во Кисела Вода, Штип, Росоман, Карбинци Зрновце, Струга, Тетово, Дебар...

Од ДИК велат дека избирачкиот список за овој круг останува ист, односно од над 50 приговори од граѓани дадени за остварување на избирачкото право, само пет биле прифатени и на нив им било овозможено веднаш да гласаат.