Македонија
1. November 2015 - 13:46

Денеска е Прохор Пчињски: Се кажува оваа молитва!

Според житието свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана, биле чесни и побожни луѓе што долго немале деца. Поради тоа биле несреќни и секогаш го молеле Бога да им даде пород. И по многу години Бог ги дарувал со машка рожба на која ѝ ставиле име Прохор. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот. Но Прохор сакал да му се посвети на Бога. Еднаш во црквата ги слушнал овие зборови од Светото евангелие: „Кој го сака својот татко, или својата мајка повеќе од мене, не ми е достоен, кој ја сака жената или децата повеќе од мене, не ми е достоен; кој сака да го земе својот крст и по мене да дојде ‒ стопати ќе биде примен и вечниот живот ќе го наследи“. По излегувањето од црквата Прохор се упатил кон планината и започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови, минал 32 години.

Тука имал средба и со Роман Диоген идниот цар на Византија, на кого му ја претскажал иднината. Имено, житието раскажува дека еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа, по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Но и се изненадил кога старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.

Диоген навистина станал цар на Византија во периодот од 1067 до 1071 и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак го продолжил монашкиот живот во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња, каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.

Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот во сонот му рекол на царот: „Нема да ме однесеш оттука“. Тука е изграден манастирот што го носи името на свети Прохор Пчињски, а неговите свети мошти и денес лежат во црквата од десната страна на олтарот.

Царот Диоген по овие настани среќен се вратил во Цариград.

Најстариот портрет на свети Прохор Пчињски заедно со портретот на свети Јоаким Осоговски се среќаваат во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, по обновувањето завршени во 1318 година, како единствени претставници на локалниот култ.

Свети Прохор Пчињски починал на 14 септември (с.с.), но поради тоа што на овој ден се празнува големиот празник Воздвижение на чесниот крест (Крстовден) празнувањето на преподобниот Прохор е пренесено на 19 октомври (с.с.) кога слави и неговиот манастир.

Манастир „Свети Прохор Пчињски“

Манастирот на реката Пчиња е подигнат во 11 век. Бил и зографски центар, а и препишувачка школа, односно ракописен центар. Живописот на црквата е од 1489 година. Во 1944 година во манастирот е одржано Првото заседание на АСНОМ.

Четворица свети браќа 

Они биле четворица браќа.четворица биле. Јаќим Осоговски, Прохор Пчињски, Гаврл Лесновски, и Св. Јован Рилски. Четворицата браќа живееле заеднички во Осоговието. Си живеели во една пештера. По едно време им се јавил на сон, сигурно је бил некој светец и рекол: „Вие четворицата браќа, да фаќате четири страни да се разнесете на четири страни и там да се испоснувате, там да држите религијата. И они са решили еденд ен рекле: „Ајде да се раставимо, да не живееме више заеднички“.

И така се разнеле сите. Јован Рилски ојде во Рила планина, Св Јоаким овде је дојдел во Осоговието, Прохор Пчињски ојде во Пчињски рејон и Гаврил Лесновски во Лесново. И од тогаш како са умирале така се наричали светии.

Е овде наш Св. Јоаким што е, живеел до неговата смрт, но ретко је сакал да се јавува на јавност. Бидувале овчари и ловџии. Овчари така су му приоѓале: „Дедо Јаќиме, нешто да ти помогнеме, да ти дајмо лебец, ако си немаш?“ Давали су му, вадили од торбичката, давали му и заминували са. Секој си гледал својата работа.

Пчински манастир Свети Прохорија 

Покрај реката Пчина имат едно село на име Пчина и од селото можеби, да имат земено име реката Пчина. Над селото горе имат еден чудотворен манастир, кај што је закопан свети Прохорија од илјада години и горе.

Имало едно овчарче од селото Ерџелиј од Овчеполе (под Штипска каза). Татко му и мајка му на Прохори ’и викале Јоан и Марија. Прохорија отишол еднаш во Штип на пазар и, бидејќи бил многу кроток и набожен, влегол в црква да се молит Бога. Во таа недела беше се рекло евангелието „кој што сакат да се спасит, нека кренит крстот на рамо и нека идит по мене.“

Откога го чул Прохори евангелието, беше му се распалило срцето и право ти отишол во Пчинската Планина, та си влегол во една пештера и таму си постил многу години. Посницата и ден денеска стоит, одат народ и свеќи палат, земја земаат за лек. Тамо живеал зиме, лете, во најголеми студеи и мразеи, без да знаат луѓе.

Во тоа време умрел некој цар и сакале да го клаат друг. Се погодил еден овчар да помини пред посницата од Прохорија и беше му рекол на овчарот:

- Овчарко бре, ај оди во царскио град, кај што ќе одбираат чоек за цар да бидит, да те одберат тебе. Тамо ќе се зберат да го гледаат од едно место сонцето во зората кога ќе болсни, и кој побрго ќе го видит, тој цар ќе бидит. Сите нека гледаат од кајшто огреват, ти да гледаш од кај што заоѓат.

Го послушал овчарот посникот и отишол, та застанал кај што беа застанале сите и се сврте на зајсонце да го гледат коа ќе огреит сонцето на врвот од една висока планина. Сите што го гледаа завртен на запад се биеја шега со овчарот. Арно ама сонцето прво на запад огреало, да после излегло за сите да видат. Свикал овчарот:

- Ене го, ене го, го видов сонцето.

И кога видоа, истина беше го видел и на часот беа го воцариле него за цар.

Поминаа многу годиње, ич за посинко не мисли овчаро, како што му рече коа го натера да бидит цар. Беше му рекол, некоаш да го смисли. Една вечер беше му се сонил Прохорија и беше му рекол:

-Овчаре, честити царе, смисли Бога и за мене, дојди та види ме.

Коа беше го видел тоа на сон, станал утрото и понесол азно, та пошол да го бара Прохорија. Сопорво напраил,еден манастир во село Нагоричино, се со делкани камења и темлото – се од ореоо дрво делкано (копаница). Тој манастир јет и ден денеска. Храмо му је свети Прохорија.

Тргнал царот да го бара по планиње и дошол кај планината Старец, та нашол еден старец и го прашал старецот:

- Абре старче, дали си видел некој чоек во оваа планина да живеит во некоја пештера?

- Не сум видел чоек, честити царе – му рекол старио – туку отспротија во Пчинскана Планина гледам еден орел од неколку дни кај се виет на онаа пештера, да не нешто имат тамо некој чоек умрен.

Планината Старец е останата да се викат од името на старецот што го прашал царот.

Кога отишол тамо беше го нашол Прохорија умрен и утокмен (преставен) во ќелијата. Лицето му светело како на ангел и се посветил. Го кренал царо да го носи на манастиро што го напраи кај селото Нагоричани, ама на царо во соно беше му дошол свети Прохорија и беше му рекол да не го носит во тој манастир, кај што му го напраил, ами да појди на некоја капина и од неа ќе излезел бел зајак, до таа капина олтаро да го напраит на манастиро што ќе го напраит, и тука гробот да му го напраит. Видел-невидел царот, напраил друг манастир до капината и капината јет и ден денеска спружена над оларо над кубето.

И храм му се нарекол Света Богоројца, чунки Свети Прохорија немат во календарот празник. На ден Богоројца се собират собор од сите страни кој за здравје, кој од мака за лекуање, чунки кај што јет закопано телото од светијата, имат една дупка од кај што течит миро, и секој чоек, болен или здрав, ќе се миропомаза. На мнозина здравје му се дало од тоа миро.

Ете каква чудесија му се сторила на Димитрија Стефанов (Лисичков). Како што ми прикажуаше тој, на многу години одел на панаѓур на Пчинскио манастир и многу пати му го пеал житието од свети Прохорија, со рака пишано (Д. Ст. ми каза оти имало многу стари ракописи). И од многуто пати што го пеал, го научил наизус, та ми го кажа за да го пишам. На Д. Стефанов беше му се ватила десната рака, нито можел да се прекрсти, нито ништо не беше можел да стори. До што било екими, се беше обишол и ништо сељамет не беше видел. Мнозина му велеле да одит по баснарки, од ограма да не му је: арно ама тој никако неќел да оди по ѓаола, ами си ошол на реченио манастир и си ја миропомазал раката. За чудо големо, по малку време, кога си тргнал за дома, беше му се пуштила раката.

Иконата од светијата јет многу стара и, кај што јет обесена, сама се мавта, најмногу во таа недела кога се велит евангелието „Земи си го крсто и ела по мене“, а во друзите дни помалку. Царот што му напраил манастиро и гробо му ја зел тогај глаата од свети Прохорија и си ја однесол кај себе, да свети Прохорија сега бил тамо без глаа закопан. 

Денеска се кажува оваа молитва:

„Голема победа смело покажа, бидејќи со божествената љубов се разгоре, гнилежниот цар и сите убавини ги презре, на гората козјачка се насели, од каде што во небесата се искачи кај Царот на царевите, Прохоре: моли се постојано за сите нас".