Македонија
6. November 2015 - 13:21

Денеска е Празник на иконата на Божјата Мајка „Радост на сите тажни“

Празник на иконата на Божјата Мајка „Радост на сите тажни“

Вака се нарекува една чудотворна икона на Пресвета Богородица. Се празнува по повод чудесното исцеление на Ефимија, сестра на патријархот Јоаким, коешто се случи во 1668 година во Москва. Ефимија имаше тешка рана на колкот, па бидејќи лекарите не можеа да ја излечат, таа падна да ? се моли со плач на Пресвета Богородица. И слушна глас: „Ефимија, оди во храмот на Преображението на мојот Син; таму е иконата „Радост на сите тажни“. Свештеникот нека се помоли пред таа икона и ќе оздравиш.“ Ефимија направи така и веднаш стана наполно здрава. 

Преподобен Арета Печерски

Се престави во 1190 година.

Свети Елезвој, цар Етиопски

Распален со ревност за Христовата вер овој благочестив цар крена војска против кнезот Дунаан, свирепиот мачител на христијаните во земјата Омиритска. Но во почетокот на војната немаше успех и многу од неговата војска пропадна во пустината. Тогаш тој горко плачеше пред Бога и вети дека ако Бог му помогне да го победи христијанскиот крвник тој ќе се замонаши. Откако го победи Дунаан, Елезвој се врати во Етиопија и веднаш го напушти царскиот дворец и стапи во манастир. Таму се подвизуваше како вистински монах цели петнаесет години. Бог му подари благодат на чудотворство пред и после смртта. Се упокои во 555 година. 

Светиот маченик Арета

Овој Свет маченик пострада за Христовата вера со уште над четири илјади христијани, свештеници, монаси и монахињи, граѓани, жени и деца. Арета беше градоуправител во градот Негран во земјата Омиритска (јужна Арабија) и имаше деведесет и пет години кога пострада. Со Омиритската земја тогаш владееше еден Евреин Дунаан, свиреп гонител на христијаните. Решен наполно да ги истреби христијаните од својата земја, тој го опколи христијанскиот град Негран и најпрво им порача на граѓаните дека ако не се одречат од Христа сите ќе ги убие. Граѓаните ги затворија портите, па Дунаан безуспешно напаѓаше на градските ѕидини. Тогаш беззакониот кнез им се заколна на граѓаните дека нема да им направи ништо, само ако му ги отворат портите за да влезе и да го собере данокот што му го должеа, па потоа веднаш ќе се оддалечи. Христијаните поверуваа и ги отворија портите. Тогаш кривоклетниот Евреин го повика кај себе старецот Арета со сите клирици и други угледни граѓани и сите ги уби со меч. А потоа направи страшен колеж по градот. Кога слушна за ова византискиот цар Јустин многу се нажали и му напиша писмо на етиопскиот цар Елезвој да појде со војска против Дунаан и да ја одмазди невината христијанска крв. Елезвој го послуша Јустин, удри со војска на омиритскиот кнез, го победи, му ја погуби целата војска, а него го уби со меч. За Омиритски кнез по Божјо откровение беше поставен некој побожен човек Аврамиј, а за архиепископ Омиритски, повторно по Божјо откровение Свети Григориј (под 19 декември). Христијаните во Негран го обновија храмот на Света Троица којшто Дунаан го беше изгорел и му подигнаа и посветија храм на Светиот маченик Арета и на останатите Негрански маченици. Пострадаа и примија маченички венци во 523 година.