Македонија
5. January 2016 - 17:00

Ден на жалост во Штип за двајцата чувари во затворот кои загинаа во сообраќајка

Штип завиткан во тага поради загубата на уште два млади животи. Знамињата на половина копје, локалната самоуправа прогласи ден на жалост. Трагичната несреќа се случи вчеравечер околу 19 и 20 на излезот од градот, на патот кон Радовиш. 41 годишниот Коце Петров од штипското с. Чардаклија, вработен во затворското обезбедување, управувајќи возило „Сеат кордоба“, во друштво со неговиот колега, 30 годишниот Ристе Шалев, се превезувале кон работното место во Казнено поправниот дом –Штип. Во еден момент, само што се исклучиле од магистралниот пат, Петров изгубил контрола над возилото.

- Излегло од коловозот, слетало и се превртело на кровот во коритото на река Брегалница-изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР-Штип

На лице место беше повикана итна медицинска помош, а докторот само ја констатирал смртта кај двајцата штипјани. Потоа на местото на несреќата пристигна и екипа на противпожарната единица.

- Беше многу трагично. Ние ги извлековме, ама беа веќе мртви луѓето-изјави Миле Доневски, пожарникар во ТППЕ-Штип

По наредба на јавен обвинител телата се предадени на обдукција. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расветлување на причините за несреќата. Инаку, за не цели 4 деноноќија ова е втора сообраќајна несреќа во Штип со човечки жртви.