Македонија
9. October 2015 - 15:58

Ден на високи гости на „Македонски Блесок 11“

 - Со демонстрирање борбени постапки и ситуации на припадниците на АРМ од четата на Воената полиција и ренџерската чета, кои беа дел од содржините за оценување на вежбата „Македонски Блесок-11”, денеска на Армискиот полигон „Криволак“ се реализира предвидената програма за Денот за високи гости.

Оценувањето се реализираше согласно Концептот за оперативни способности на НАТО (ОСС), а го спроведе оценувачки тим на АРМ, заедно со набљудувачи од различни команди на НАТО.

 

На Денот за високи гости присуствуваа заменикот на НГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, претставници од Канцеларијата за врски на НАТО, асоцијацијата на воените аташеа акредитирани во Република Македонија и други високи гости.

Генерал-мајор Рацај нагласи дека вежбата „Македонски Блесок-11” е успешно реализирана и е постигната главната цел со успешното оценување на декларираните единици на Армијата на Република Македонија.

- Вежбата „Македонски Блесок 11“ претставува уште еден голем успех на АРМ и потврда за исполнувањето на стандардите на НАТО, потенцира Рацај.

Во текот на вчерашниот ден на командирите на оценуваните единици им е соопштена позитивната оценка од спроведеното оценување согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, која е во согласност со прикажаната обученост на припадниците на единиците.