Македонија
26. јуни 2020 - 19:57

Ден Дончев повикан во полиција на информативен разговор

Поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев попладнево бил повикан на информативен разговор во полициска станица. Пред инспекторите, дал изјава за неодамнешните снимки кои излегоа во јавноста, а на кои се гледа како тој става пари во актовка. Разговорот траел половина час. Потоа Дончев си заминал.

За Сител тој вели дека сега е со семејството. Демантира дека бил уапсен, по инфорамциите кои излегоа во јавноста за наводното негово приведување. При тоа не сакаше да даде повеќе детали, за тоа, кој, како го повикал  и за што точно разговарале во полиција.

Од МВР потврдија дека го повикале Дончев.

МВР во рамките на своите надлежности презема самостојни дејствија, лицето било повикано да даде исказ по последните снимки што беа објавени во јавноста. Доколку МВР утврди елементи на кривично дело по кои се постапува по службена должност, ќе достави соодветен поднесок до обвинителството по кој обвинителството ќе преземе понатамошни дејствија за расветлување на случајот.

 Д.Д. беше поканет со покана за разговор во ПС Карпош и уредно се пријави сам. По извршениот разговор, си заминал.

Повикот од МВР до Дончев следи откако пред неколку дена на Јутјуб каналот беа објавени видео и аудио снимки под псевдоним лепливи раце. За бомбите во кои се слушаат разговори поврзани со продажбата на фирмата Дијамед, Дончев реагираше дека се извадени од контекст,а за видеото на кое се гледа како зема пари, тој тврдеше дека снимката е приватна. Од директорското место Дончев си поднесе оставка пред еден месец.