Балкан
14. јуни 2016 - 12:31

Демирташ: Можна е етничка граѓанска војна во Турција

Заменик претседателот на прокурдската Демократска партија на народите, Селахатин Демирташ истакна дека во Турција „може да избие етничка граѓанска војна", бидејќи нетрпеливоста меѓу Турците и Курдите во земјата се зголемува. 

Курдскиот лидер во интервју за ирскиот весник „Ајриш тајмс", исто така, наведува и дека мир во Сирија е невозможен без мир во југоисточниот дел на Турција.

- Војната во Сирија е поврзана со конфликтот тука, зошто турската Влада гледа на Курдите во Турција и Сирија како на една целина, истакна Демирташ, осврнувајќи се на темата за операциите на турските сили за безбедност против борците од Курдската работничка партија (ПКК) во југоисточна Турција.

Курдскиот лидер вели и дека во име на мирот е подготвен да се сретне и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

- Јас сум во политиката поради мирот и доколку доведе до мир средба со Ердоган тогаш, се разбира, ќе го направам тоа, изјави Демирташ.

Тој упати критики до европските лидери, нагласувајќи дека треба да се направат поголеми напори за запирање на насилството во југоисточниот дел на Турција.