Македонија
9. December 2015 - 19:32

Демант: Ременски ја манипулира јавноста

Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика попладнево испрати демант на прес-конференцијата на техничкиот министер Фросина Ременски и побара од неа јавно да каже, колку предмети решила за еден месец, откако е дојдена на оваа функција.

Според Кабинетот, очигледно се работи за партиска насока да се одржуваат прес-конференции без факти и аргументи, со непроверени и паушални информации и обвинувања. 

- Техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски својата неспособност за менаџирање на Министерството  и реализација на проектите во интерес на граѓаните се обидува да ја компензира со измислување „афери” без никаква суштинска основа. Грубо ја манипулира јавноста со тврдењето дека прво за 2.000 па потоа за 1.400 предмети по жалба за отфрлено и одземено право за социјална парична помош не е одлучувано изминативе девет месеци. Бројката која е посочена е намерно предимензионирана и доведена во друг контекст, стои во демантот.

Како што се додава, ова тврдење не соодвествува со вистината, бидејќи обработените предмети ги доставува надлежниот сектор во Министерството до министерот за труд и социјална политика и потоа министерот ги потпишува, а Ременски намерно и свесно прави застој во решавањето предмети по жалба. 

- При примопредавање на функцијата, министерот Спасов остави решени над 10,000 решени предмети, решени се и над 40.000 предмети за еднократен отпис на долгови преку министерството за труд и социјална политика. Доколку техничкиот министер Фросина Ременски откако стапи на функцијата, се посветеше на решавање на предметите, досега ќе беа решени барем 1.000 предмети, пишува Кабинетот на дополнителниот заменик-министер.

Министерството за труд, објаснува, на дневна основа има десетици предмети, а бројката на нови во второстепена постапка само во периодот откако е назначена техничката министерка Ременски има достигнато над 230 предмети.

- Речиси ниту еден предмет не е решен што укажува дека таа и нејзниот кабинет свесно го опструираат процесот на решавање предмети во интерес на граѓаните,  тенденциозно се прави застој и се покажува само лажна грижа за социјално ранливите категории на грагани, се наведува во демантот.

Вршењето министерска функција, порачува Кабинетот на дополнителниот заменик-министер, значи отчет пред граѓаните, а не држење партиски пресови во сала за прес-конференции на државна институција.

- Ја информираме техничката министерка дека доколку некој службеник вработен во Министерството за труд има одредено непостапување, секоја странка согласно Закон има право на претставка до министер за побрзо решавање на предметот, а ако има непостапување од државен службеник и застој на предмети, техничкиот министер Фросина Ременски наместо да изразува лажна загриженост за корисниците, може да покрене иницијатива за одговорност на службениците кои доцнат, посочува Кабинетот.

Кабинетот на дополнителниот заменик-министер во демантот информира дека во 2006 година бројот на корисниците на социјалната парична помош беше над 60.000. - Тоа е периодот на Владата на СДСМ кога немаше апсолутно никаква контрола врз остварувањето на правата од социјалната заштита  и кога во голем број ги остваруваа лица без да ги исполнуваат законските услови. Во 2015 година тој број  на корисници е преполовен, токму поради тоа што системот на контрола е неспоредливо зајакнат. Секој предмет кој е доставен на потпис до министерот  Спасов  е потпишан во најбрз можен рок и нема предмети кој не ги потпишал, се посочува во демантот.

Се додава и дека бројот на корисници на социјална парична помош е двојно намален поради успешните владини мерки за вработување, а пред десетина година социјалната парична помош можеше да се изгуби за безначајна сума.

Кабинетот на дополнителниот заменик-министер уште наведува дека Фросина Ременски врши невидени политички притисоци преку членови на нејзиниот кабинет кои немаат статус на инспектори а вршат инспекциски надзори.

- Секојдневно стигнуваат жалби од вработените од Центрите за социјална работа кои не можат да ги извршуваат своите работни задачи поради притисоците кои ги поднесуваат. Ременски  ангажира во инспекциски надзори  и членови на нејзиниот кабинет   кои немаат статус на инспектори и истите се водат како членови на Кабинетот на технички министер, стои во демантот од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер.