Македонија
15. May 2017 - 13:53

Делегација од Штип во посета на унгарската општина Ѓонѓош

Делегација на општина Штип беше во посета на градот Ѓонѓош во Унгарија, каде присуствуваше на Саемот за вино „Денови на Матра“, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на општина Штип, Драган Ристов. Тој истакна дека при посетата се разгледала и можноста за збратимување на општините Ѓонѓош и Штип, а продлабочување на соработката се гледа во областа на културата и образованието.

- Ѓонѓош е втор по големина регион во Унгарија познат по своето производство на вино, а Штип располага со квалитетно вино и винарии што е еден вид на повод за продлабочување на врските. Можност за соработка се нуди и во сферата на високото образование, бидејќи и во Ѓонѓош има Универзитет при што остварена е посета и на Универзитетот Кароли. Лани градоначалникот на Ѓонѓош го посети штипскиот Универзитет, па сега со нашата посета се отвораат можности за соработка во високото образование. Универзитетот во Ѓонѓош е помал од Штипскиот, има 12.000 студенти и помалку факултети, но секако е одличен и се надевам дека ќе се воспостават поблиски релации, изјави Ристов.

Тој истакна дека соработката во областа на културата ќе има и со учество на Фолклорниот фестивал во Ѓонѓош, каде што е планирано да настапиедно од штипските културно-уметнички друштва. Делегација на унгарската општина Ѓонѓош планирано е да присуствува на некои од познатите штипски манифестации, како што се „Пастрмалијадата“, „Макфест “ или на „Штипско културно лето“.